Ќе заседава Генералниот совет на ДУИ
И покрај тоа што, високи актуелни и поранешни функционери од Демократската унија за интеграција (ДУИ) отворија внатрепартиски фронт со тврдење дека сакаат да иницираат промени во актуелното партиско раководство, изразувајќи незадоволство од организацискиот и структурен потенцијал на оваа партија, сепак со денешното одржување на Генералниот совет на партијата и изборот на нови партиски органи, се очекува смирување на тензиите предизвикани со барањата на т.н. „Огнена група“.
Ова е оценката на политичките аналитичари Алберт Муслиу, Благојче Атанасоски и Џелал Незири.
Во изјава за МИА, аналитичарот Муслиу очекува ова незадоволство во партијата да се смири. Тој верува дека одржувањето на Советот и со изборот на новите партиски органи ќе се исполнат барањата на т.н. „Огнена група“.
– Очекувањето на јавноста може да биде дека овие незадоволства што ги имаше и кои беа презентирани во јавноста, ќе се смират, додека поединечниот избор во тие тела, верувам дека е прашање на структурите на ДУИ, а сега одделните кадровски решенија се внатрешно партиско прашање, бидејќи кога за една функција има двајца кандидати – се знае дека едниот е задоволен, а другиот не е задоволен, вели тој.
Атанасоски, пак, смета дека позади оваа политичка битка се крие прераспределба на влијанието кое го носат државните тендери, финансиските ресурси, односно моќта со која имате можност да стекнувате капитал.
– Од друга страна, единствениот, дводецениски лидер на ДУИ е тој кој се уште ја држи оваа партија обединета и победничка. Овој револт од видни и влијателни високи функционери на интегративците е прв во нивното дваесетгодишно функционирање на македонската политичка сцена и ќе видиме дали Ахмети го има се уште неприкосновениот авторитет да ја изменаџира и оваа ситуација и работите „да легнат на брашното“, односно и побунетите на крајот да се задоволни, но и да нема кадровски промени како што тие бараат, особено за првиот вицепремиер Артан Груби, вели Атанасоски.
Тој истакнува дека во моментов, изгледа дека делумно ситуацијата е ставена под контрола.
– Но, познавајќи го карактерот и менталитетот на овие луѓе, не ме изненадува дека доколку во наредниот период навистина не се случат извесни промени, состојбата нема да ескалира. За почеток Ахмети ќе мора со т.н. „Огнена група” да ги пополни празните високи функционерски места во партијата, односно ќе мора дел од нив да ги постави за потпретседатели и евентуално генерален секретар, со што ќе им ја врати моќта и во партијата и во политиката која тие своевремено ја имале и сакаат да ја имаат и во иднина, вели Атанасоски.
Исто така, и Незири не очекува дека ќе има некакви промени, туку само пополнување на високите партиски функции.
– Генералниот совет има надлежности да го одреди бројот на потпретседатели и на секретарите, да формира тела и да избере лица што ќе бидат носители на тие функции. Оваа ќе биде последна шанса да се смират работите во ДУИ, а во меѓувреме „Огнената група“ се очекува да биде претставена на партиското раководство, вели Незири.
Парламентарното мнозинство ќе остане стабилно, реконструкцијата на Владата зависи од структурите на ДУИ
Аналитичарите веруваат дека актуелното парламентарно мнозинство ќе остане стабилно, а реконструкцијата на Владата ќе зависи од структурите и органите на ДУИ.
Атанасоски верува дека парламентарното мнозинство ќе остане стабилно, од проста причина што, како што вели, евентуалниот пад на Владата поради внатрешните несогласувања во ДУИ ќе ја изместат земјата од нејзината надворешно политичка траекторија, особено сега кога по 17 години блокада и чекање пред портите на Европската Унија, треба да преговара со Унијата за полноправно членство.
– Сметам дека ниту меѓународната заедница, особено нејзините претставници овде од највисокиот дипломатски кор, ќе го дозволат тоа во овој даден политички моментум. Ниту, пак, тие од „Огнената група“ имаат смелост, храброст, би рекол и политичка дрскост, директно преку предизвикување на пад на Владата да и се спротивстават на меѓународната заедница, особено на највисоките американски интереси на Балканот. Особено што оваа партија е најмногу константна во нејзиното перпетуирање во власта и нејзината сервилност пред странските фактори, особено пред американскиот, истакнува Атанасоски.
И Незири не верува дека може да дојде до реконструкција на власта како резултат на внатрепартиските немири на ДУИ, но како што вели, може да се случи поголема реконструкција во случај ако Алијансата за Албанците стане дел од владејачката коалиција.
– Не верувам дека може да дојде до реконструкција на власта како резултат на внатрепартиските немири на ДУИ. Но, сметам дека може да се случи поголема реконструкција на владиниот кабинет во случај ако се постигне договор со кој Алијансата за Албанците би станала дел од владината коалиција. Во тој случај, секако, дека дел од владиниот колач би требало да и се додели и на АА, бидејќи таа има осум пратеници, вели Незири.
Според Муслиу, реконструкцијата на Владата зависи од структурите на ДУИ, кои треба да бидат избрани, но како што посочува, ако тие одлучат дека има потреба, тогаш ќе има реконструкција.
– Верувам дека реконструкцијата на Владата ќе биде одлука на тие структури и органи кои треба да се изберат. Ако тие оценат дека има потреба, тогаш ќе има реконструкција. Реконструкцијата на Владата е законска норма. Дали ќе има реконструкција или не, зависи од структурите на ДУИ. Мислам дека цел на „Огнената група“ не беше реконструкција на Владата, туку поголема транспарентност во внатрешните процеси, посебно кај тие што се вклучени во извршната власт, истакнува тој.
ДУИ ќе избира ново раководство
Вчера во партиското седиште во Мала Речица се одржа консултативна средба, на која, според партиски извори на членовите на „Огнената група“ им се предложени партиски функции – Изет Меџити е предложен за потпретседател, а за организационен секретар Блерим Беџети, актуелен градоначалник на Сарај.
Според партиски извори за потпреседатели се предложени Арбр Адеми, Бајрам Реџепи и Арбана Пашоли, актуелна пратеничка. За генерален секретар е преложен Фатон Ахмети, а Саранда Имери за првпат ќе се приклучи на потесното претседателство како секретар за родова еднаквост.
Партискиот портпарол Бујар Османи по завршување на средбата вчера рече дека консултациите на членовите на претседателството со партиските ограноци била конструктивна. На средбата во текот на денот пристигнале и претставници на т.н. „Огнена група“, која бараше реформи во партијата.
–Имавме неформална консултативна средба на претседателот Ахмети, со претставници од партијата од различните ограноци во подготовка за утрешниот состанок на Централниот совет, каде ќе се донесат одлуки за формирање на Централното претседателство и другите органите на партија. Претседателот Ахмети правеше индивидуални средби овие денови, меѓутоа веќе во два наврати средби со повеќе функционери од партијата со кои се разменуваа ставови, консулатации како утре да се донесат одлуките на Централниот совет. Мислам дека целата средба помина во најконструктуивна атмосфера, во една атмосфера на соработка, на унифицираност, на спремност на партијата за нови победи, изјави вчера Османи.
Одлуката за одржување на Генералниот совет на ДУИ, за избор на новото партиско раководство, беше договорено на средбата одржана на 4 октомври на лидерот на партијата, Али Ахмети со претставници на т.н. „Огнена група“, откако група истакнати членови на ДУИ на 24 септември во отворено писмо обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, според нив, станало индивидуално.
Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.
– Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, се наведуваше меѓу другото во писмото.
Потписниците посочуваа дека „арогантното однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвикало незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.
Ахмети по средбата со Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта информира дека на 15 октомври ќе се одржи Централно собрание, каде ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере ново партиско Претседателство, кое уште истиот ден ќе ја разгледа политичката ситуација и ќе добие отчет од владиниот состав на ДУИ.
Ново на Сител
-
Комеморација во чест на професорката Сара Пројкоска од ФМУ
-
Попов: Невладеење на правото и корупцијата резултираа со масовни несреќи од кои последната е во Кочани
-
Која е фирмата 2 СС Кичево чијшто управител заврши во притвор?
-
Видевски не се сеќава кај го сокрил пиштолот, негира вмешаност во убиствата на Вања и Панче
-
Преглед на вестите од светот
-
Пет повредени денеска се враќаат од странство, четворица пациенти и натаму се критични
-
Беќаровски: Како да се намалат последиците при труење со јаглерод моноксид
-
Општина Охрид одвојува 1 милион денари помош за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани