Македонија
17. April 2024 - 13:53

Коалицијата Вреди го потсетува Османи на случајот „Пациент“

Коалицијата Вреди (Влен) денеска на прес-конференција потсети на 2016 година, на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и на случајот наречен „Пациент“. Според нив, во овој случај како прв и единствен обвинет Албанец се издвојувал токму портпаролот на ДУИ, а сега кандидат за претседател Бујар Османи. 

- Во истрагата постоеше засновано сомнение за злоупотреба на службената положба на министерот за здравство, како и овластувањата на службените и одговорните лица во тендерските постапки за градежни работи, при што постоеле сомнежи дека бугарската компанија ГБС Благоевград беше фаворизирана иако имаше неколку поповолни понуди од други компании, во повеќе здравствени установи во земјава, меѓу кои и гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир. Вредноста на тендерот изнесуваше над 2 милиони евра, се вели во соопштението.

Прес-конференцијата се одржа пред Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Maјка Тереза“ во Скопје со цел, како што велат, да пренесеме порака дека ние не забораваме.

- Овде сме собрани, жени, мајки, сестри, ќерки да го обелодениме овој скандал, каде денешниот кандидат за претседател е обвинет за финансиска злоупотреба во овој за нас свет објект и каде секој ден се породуваат нашите ќерки, нашите сестри, нашите пријателки. Замислете до каде оди лакомоста на овие луѓе за пари, злоупотребуваат милиони евра од местото каде што се пораѓаат сите мајки од Скопје и пошироко! Јавно прашуваме, дали Албанците заслужуваат ваков кандидат за Претседател?, стои во соопштението.

Од Коалицијата наведуваат дека никогаш нема да го заборават случајот наречен „Пациент“.

- Можеби партизираните судови на Артан Груби го пикнаа овој случај во некој ќош, но доаѓа време за одговорност за направеното, но и за тие кои го криеја случајот. Замислете, овие милиони можеа да бидат кревети за мајки, опрема за гинеколози, работа за медицински сестри, подобри услови за бебиња. Овие злоупотребени пари можеа да бидат буџетски средства за да се донесат решенија за тие над 1700 вработени во здравството кои се со договор на дело, и никако не можат да добијат решенија за работа, се вели во соопштението.