Кои кандидати се во игра за градоначалник на Скопје?
Кој ќе биде идниот градоначалник на Скопје?
На 8 месеци пред локалните избори во јавноста се погласно почнаа да се споменуваат имиња и да се објавуваат анкети за можни кандидати за прв човек на главниот град.
Според истражувањето на јавното мислење кое го спроведе интернет порталот “Локално мк” најдобро функцијата градоначалник би ја извршувале кадри од ВМРО ДПМНЕ. На анкетата актуелниот министер за локална сампоуправа Златко Перински добил 18 проценти подршка, директорот на ЈПДП и поранешен градоначалник на Скопје Коце Трајановски има 16.5 отсто, а актуелниот прв човек на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски е избор на 14 проценти од испитаниците. Над 10, односно 11,5 отсто има и екс градоначалникот од СДСМ Петре Шилегов.
Водечките на анкетата Перински и Ѓорѓиевски и јавно изразија подготвеност да влезат во градоначалничката трка за Скопје.
- Јавно ја искажав мојата амбиција за градоначалничкото место, но сепак, треба да му дадеме шанса на времето. Да видиме што ќе се случува во иднина, сепак, и околностите се важни во кои ќе се носи одлуката. Верувам дека предлогот кој ќе се даде од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, до извршните тела во рамки на партијата ќе биде најсодветното решение и секако сум убеден сум дека тој предлог кој и да е, ќе биде идниот градоначалник на Скопје. Во моментов навистина уживам во она што го работам, се трудам да го дадам максимумот, а да оставиме да видиме каква ќе биде одлуката на партиските тела па да видиме што ќе се случува, рече во писмена изјава Перински.
- Ако станам кандидат за градоначалник на Скопје, очекувам победа во првиот круг. Како што кажа и претседателот на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, во следниот период ќе бидат спроведувани анкети, на кои, освен мене, претпоставувам дека ќе бидат и другите скопски градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но секако ќе има и други личности што ќе бидат анкетирани. Јас, мојата амбиција, со оглед на тоа што сум претседател на ЗЕЛС, ја изразив уште пред повеќе од една година. Сметам дека доста сработив во општината, дека имаме резултати позади себе, енергија, тим... Но, пред сѐ, имам и концепт како треба Скопје да изгледа во перспектива, како градот треба да се среди за релативно кратко време, вели Ѓорѓиевски во интерву за Фокус.
Локалните избори ќе се одржат во октомври, а кон крајот на април или мај веќе и официјално треба да бидат познати кандидатите за градоначалници не само за Скопје туку и за сите општини.
Инаку според Анкетата најголем и најитен проблем за решавање е загадениот воздух, потоа сообраќајниот метеж и нечистотијата. А високи дури 68 отсто од жителите на Скопје воопшто немаат доверба дека актуелната градоначалничка Данела Арсовска може да ги реши најгорливите проблеми.
Анкетата на Локално.мк е спроведела телефонски на 1.150 испитаници од 25 до 29 јануари годинава.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар