Колумбиа: На постарите од 60 години да им се овозможи да работат, но не задолжително
Координаторката на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбиа, во интервју за МИА, вели дека треба сеопфатно да се разгледа прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање. Според неа, луѓето над 60 години треба да имаат можност да бидат активни и да работат, но само ако се здрави и доколку така одлучат, а не задолжително.
„Најважно е тоа да биде незадолжително. Затоа што во моментов не сум ниту сигурна дали луѓето на 67 години во Северна Македонија денес се и здравствено способни да продолжат да работат на ист начин како што работеле претходно. Затоа велам дека ова прашање треба сеопфатно да се разгледа и дефинитивно да се даде можност на лицата на возраст над 60 години да бидат активни, да бидат здрави и да можат да работат, ако така одлучат“ - Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија
Прашањето за одење во пензија подоцна стана актуелно откако Фискалниот совет препорача и мажите и жените да се пензионираат на 67 години од 2026 година, бидејќи состојбата во Фондот за Пензиско е неодржлива на долг рок. Ако не се стори тоа, од советот рекоа дека неминовно ќе биде зголемување на ДДВ-то и другите даноци.
Од Владата, пак, веќе рекоа дека во моментов не се размислува за зголемување на старосната граница и дека прават се за да се стабилизира состојбата во пензискиот фонд.
Предлогот го отфрлија и партиите и синдикатите.
Со 337 илјади пензионери на 687 илјади вработени, сегашниот сооднос е 2 спрема 1, а за нормално функционирање на фондот неопходно е соодносот најмалку да биде 3 спрема 1.
Неколку земји во Европската Унија најавија промени во пензиските системи, вклучувајќи и зголемување на старосната граница.
Во Франција изминатиов период се одржаа повеќемесечни протести поради планот на власта работниците да се пензионираат на 64 години, а не како сега на 62.
Холандија постепено ја зголеми границата и таму сега во пензија се оди на 67.
Истото се случи и во Италија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар