Македонија
6. February 2025 - 20:05

Комисија од тројца судии ќе треба да испита дали имало пропусти во одлуката на судијката за предметот на Васил Јованов

Судиите Данка Ристова, Антоанета Димовска и Татјана Чачарова Илиевска се тројцата членови на Комисијата што е формирана од страна на Судскиот совет, а која во рамки на своите надлежности треба да испита дали имало пропусти во одлуката на судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот Кривичен суд Скопје која за Васил Јованов, пресудила воспитно поправна мерка - упатување во поправен дом за малолетници за поседување и продажба на наркотички средства.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски денеска изјави дека Комисијата треба внимателно да постапува.

-Треба внимателно да постапува Комисијата, да не створи притисок врз апелационите судови бидејќи тие нормално треба да одлучат по таа првостепена пресуда. Ако е добра ќе ја потврдат. Ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката, ќе ја укинат или можеби ќе ја преиначат. Затоа треба Комисијата внимателно да изврши увид и откако ќе заврши со увидот, ќе направи свој извештај. Ќе се постапува паралелно. Меѓутоа, убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме да почувствува Апелациониот суд некаков притисок од наша страна. Доволен  е притисокот што веќе го има од јавноста врз тој суд, изјави Камбовски, по седницата на Судскиот совет.

Пресудата за ова кривично дело против Јованов се уште не е правосилна бидејќи Апелациониот суд се уште се нема произнесено по жалбената постапка.

Васил Јованов е момчето кое ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје и кој се товари дека тоа го сторил со умисла затоа што возел без возачка дозвола, поминувајќи на црвено светло и под дејство на алкохол.