Македонија
26. February 2018 - 11:07

Конференција: Парламентот да биде контролор на државната каса

 Без ефикасна контрола на Парламентот врз буџетот - државното ќесе, не можеме да зборуваме за вистинска парламентарна демократија, односно за контрола врз извршната власт. Ако таа отсуствува, изршната власт станува моќна и се оттуѓува што создава поволни услови за ширење на корупцијата. 

Ова го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на отворањето на Интерпарламентарната конференција на тема „Моќта на ќесето: Буџетски овластувања и процедури на Европскиот Парлмент“ што започна денеска во македонскиот Парламент.

Истакна дека  во Република Македонија погледнато од нормативен аспект, како што е постоењето на соодветните закони од оваа проблематика и на Деловникот на Собранието и можностите што ги дава за парламнетарна контрола врз буџетот, можеби и не сме толку лоши. - Постојат, рече, повеќе механизми и форми за тоа, како што е улогата на Комисијата за финансирање и буџет при донесувањето и ребалансот на буџетот, разгледување и донесување на завршната сметка на Буџетот, институтот пратенички прашања, разгледување на годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, се до можноста за надзорни расправи, вели Џафери.

Според него, останува отворено прашањето колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола како на прибирањето, така и на трошењето на парите на граѓаните.

- Ако сме барем малку самокритични, ќе си признаеме дека кога станува збор воопшто за надзорната улога на Собранието врз извршната власт, а посебно за контролата врз трошењето од државното ќесе, ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во високоразвиените демократски држави. Затоа надзорната улога на Собранието врз трошењето на буџетот и воопшто врз извршната власт не треба да ја гледаме како уште една одредница или бенчмарк од Брисел, туку како еден од основните принципи на демократијата и правната држава, вели спикерот на Парламентот Џафери.

Европратеникот и член на Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент Игор Шолтес во своето излагање посочи на новата Стратегија на ЕУ за проширување и јасно изразената европерспектива за земјите од Западен Балкан и подготвеност на ЕУ заедно да го изодат тој пат. Потсети дека од 2007 до 2017 година ЕУ за претпристапна помош на регионот инвестираше над девет милјијарди евра, а оваа година се предвидени повеќе од една милијрада евра за ИПА кој ќе биде уште поприлагоден на потребите на земјите.

Оваа Стратегија ќе бара зголемо финансирање, но и поголема буџетска контрола за да се надгледува како, каде и за што се трошат овие средства. Не е важно само да се добие грантот и парите за земјите, туку и да се следи патот на овие пари за да се најде сигналот на каков било ризик за корупција кој можеби постои или какви било неправилности. Националните парламенти играат мошне важна улога во ова, почнувајќи од комисиите за буџет, но и за контрола на буџет, рече европратеникот Шолтес.

Тој укажа на словенечкото искуство каде контролната улога на Парламентот е заканата преку основање и на Комисија за контрола на буџетот, која соработува со  ревизорската институција, но не е важна само за контрола на државниот буџет, туку и за контрола на буџетот на општините и воопшто јавниот сектор. Ова, порача тој,  е многу важна алатка за ЕУ да знае дека има свој пандан во националните парламенти.

На еднодневната Интерпарламентарна конференција на тема „Моќта на ќесето: Буџетски овластувања и процедури на Европскиот парлмент“ чиј домаќин е македонскиот Парламент учествуваат пратеници од парламентите на земјите од Западен Балкан и европратеници, кои ќе се зпознаат со процедурите и овластувањата при контролата на буџетот на ЕУ. Буџетската рамка на ЕУ се носи за период од седум години,  а секоја година посебно се усвојува годишен буџет. Годинава ЕУ буџетот изнесува 155 милијарди евра