Македонија
11. May 2017 - 8:22

Конференција за заштита и управување со информации

Конференција „Моделирање на иднината за заштита и управување со информациите“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на  Некстсенс ДОО во партнерство со Symantec и Veritas.

Конференција ќе биде отворена со дискусија на тема „Регулативи за заштита на личните податоци, ефектот кој тие го имаат врз работењето на организациите и ефективните технолошки мерки кои можат да бидат превземени со цел усогласување со овие регулативи“.

Организаторите на конференцијата сметаат дека е неопходно спроведување на соодветни политики и имплементација на соодветни решенија за безбедност, заштита и управување со важните и доверливи информации. Со нивна помош, како што соопштуваат, секоја организација ќе се усогласи со постојните регулативи, ќе придонесе за рационално и оптимално искористување на сите свои ИТ и човечки ресурси, но и дополнително ќе воспостави соодветни стандарди и политики на ефективна безбедност и заштита на својата ИТ инфраструктура и важни податоци.

На конференцијата е најавено учество на извршни директори, офицери за заштита на лични податоци, офицери за сигурност и безбедност на информации, раководители на ИТ сектори од институции од владиниот сектор, од домашни и странски компании, јавни претпријатија, единици на локалната самоуправа, правосудството и  од финансискиот сектор.