Кошарка
7. March 2016 - 17:24

Кошаркарите на Феникс 2010 се пласираа на завршницата на Европската младинска лига

 
 Кошаркарскиот клуб Феникс 2010, односно селекцијата на играчи родени 2001 година, остварија голем успех со самиот пласман на завршницата на Европската лига за млади кошаркари. 
 
На вториот од двата турнири за играчи до 15 години, кој изминатиот викенд се одржа во унгарскиот град Сопрон, кошаркарите на Феникс 2010 остварија четири победи на исто толку одиграни натпревари. Имајќи го в предвид и настапот на првиот турнир во Будимпешта на почетокот на февруари, каде забележаа две победи и два несреќни порази, со скор од 6 победи и 2 порази оваа скопска екипа се пласира на завршницата во ова натпреварување, односно Супер финалето. 
 
- Не беше нималку лесно. Во силна конкуренција на 10 екипи од централна и југо-источна Европа, успеавме да завршиме како второ пласирани, а со тоа да се избориме и за настап во Супер финалето. Сите деца едноставно го оставија срцето на терен во секој меч, а да не беа оние два несреќни порази на првиот турнир сигурно дека ќе бевме најдобро рангирани. Но, и вака сме повеќе од задоволни. Самиот пласман на завршницата е награда за се она што го работевме, не само сезонава туку и изминатите години, изјави Денис Дервишевиќ тренерот и сопственик на оваа младинска кошаркарска школа. 
 
За младите „Феникси’’ сега претстои долг „лет“ од 2.250 км. дури до литванскиот град Клеипеда, каде ќе се одржи завршниот турнир. Конкуренцијата ќе биде силна бидејќи покрај словачкиот тим МБА Приевидза кој беше прво пласиран во централно-европската зона, ќе играат уште шест екипи од северно-источната група, односно Русија, Литванија, Финска, Летонија, итн, итн ...
 
- Знаеме дека не чека голем предизвик. Имаме нешто повеќе од два месеци добро да се подготвиме за тоа. Уште од сега децата со нетрпение го очекуваат тој турнир. Сепак, ќе биде многу тешко, не само натпреварувачки туку пред се организациски. Имајќи в предвид дека ние сме „мала„ екипа и сите финансиски трошоци ги сносат самите деца (родителите), за патувањето во Литванија ќе ни треба и тоа како голема помош. Се надевам дека ќе се најде некоја компанија, стопанственик, кој ќе може да ни помогне, а ние ќе сториме се да ја оправдаме таа помош и да го промовираме на овој „фестивал„ на млади кошаркари од цела Европа. И не само евентуалниот спонзор, туку достоинствено да ја промовираме пред се Република Македонија. Одиме да докажеме дека и кај нас постои кошаркарски потенцијал, дополнува Дервишевиќ кој со оваа генерација на играчи веќе три години е актуелен шампион на Македонија. 
 
Андреј Јакимовски кој на осумте натпревари постигна вкупно 155 поени, беше најдобриот стрелец на двата турнири.
 
Инаку, покрај селекцијата 2001-ва, претходно свој настап во истото европско натпреварување имаше и селекцијата 2000-та, која за жал поради бројните пехови и малери со повреди за време на самиот турнир не се избори за завршницата. 
 
Резултатите на оваа екипа се достојни за почит, па останува со поддршка од бизнис заедница, релевантните институции и пред се Македонската кошаркарска федерација, на овие млади кошаркари да им се даде можност да отпатуваат и настапат на завршниот турнир во Европската младинска лига, а тие од таму да ни возвратат со уште подобри резултати. Супер-финалето ќе се одрежи од 19 до 22 мај во Клеипеда Литванија.