Балкан
24. January 2022 - 17:16

Косово може да ја преиспита одлуката за три вакцини при влез во земјата

Косовското Министерство за здравство најави дека во текот на неделава е можно да се преразгледа одлуката за обврската на странските државјани при влез во земјата да приложат сертификат за три примени дози вакцина или две дози плус РТ-ПЦР тест не постар од 48 часа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти ресорното Министерство на официјалната страница на „Фејсбук“, евентуалната промена на одлуката, која е во сила од саботата – 22 јануари, ќе зависи од развојот на епидемилошката состојба и бројот на новозаболени од Ковид-19.

– Сите преземени мерки беа резултат на редовната анализа на епидемилошката состојба, консултациите со здравствени експерти и со Советодавната комисија во врска со Ковид-19, кои се третирани од Комитетот за координација во врска со Ковид-19, каде што учествуваат интитуциите кои се одговорни за менаџирање на пандемијата, наведува Министерството.

Епидемиолошката состојба, вели МЗ, се следи на дневна основа, така што на крајот на неделава, мерките може да се преиспитаат.

Одлуката на косовската Влада за заострување на анти-ковид мерките, посебно обврската за потврда за примени три вакцини за влез во државата, предизвика реакции, како во земјата, така и во соседните држави.

Барање за промена на одлуката, односно враќање на претходната обврска за приложување доказ за примени две вакцини, меѓу другите упатија и првиот вицепремиер во Владата на Северна Македонија, Артан Груби, како и македонскиот министер за здравство Беким Сали, кој објави дека тоа барање му го пренел на неговиот косовски колега Рифат Љатифи, со кого имал телефонски разговор.

Вицепремиерот Груби во изјава за приштинскиот портал „Индексонлајн“ изрази изненадување од одлуката, напоменувајќи дека „здравствената состојба е иста и во Косово и во Северна Македонија и во Албанија, додека Светската здравствена организација (СЗО) и западните земји го разгледуваат укинувањето на ограничувањата“.

– Се надевам дека Владата на Косово ќе ја разгледа оваа одлука во текот на неделава и ќе ги врати претходните мерки, изјави Груби.

Во врска со новонастанатата ситуација, реагираа и градоначалниците на општините со мнозинско албанско население во јужна Србија, Ардита Синани (градоначалничка на Прешево) и Нагип Арифи (Бујановац), кои одлуката на Владата на Албин Курти ја оценија како ограничување на слободата на движење на луѓето и стоките.

Жители на албанскиот град Кукеш и околните места на границата со Косово денеска го блокираа граничниот премин Морина меѓу двете земји, барајќи од Владата на Курти да ја укине последната одлука, со која драстично им се отежнува влезот во Косово, каде што многумина од нив работат, а имаат потреба за честа комуникација и од семејни и други причини. Тие околу два часа го блокираа влезот во земјата, обвнувајќи ги косовските власти дека ова не е прв пат да носат одлуки кои непотребно им предизвикуваат потешкотии.

Медиумите јавија дека на заострувањето на мерките денеска реагирала и невладината организација од Тирана, „Селбански економски форум“, која исто така оценила дека со споменатата одлука значително се отежнува слободата на движење, бидејќи голем број граѓани не можат да ја примат третата доза на вакцина, затоа што не поминале пропишаните шест месеци од приемот на втората вакцина.

Барање до Курти да ја повлече последната одлука упатија и бројни личности од политичкиот и јавниот живот во самото Косово, меѓу кои и поранешниот премиер Рамуш Харадинај и универзитетскиот професор и политички аналитичар, Блерим Љатифи.

– Го гледав денешниот протест на жителите на Кукеш. Толку е срамно да им се забрани влезот во Косово. Дотолку повеќе што тоа се прави во име на некакви анти-ковид мерки, кои се целосно неефикасни. Укинете ја таа забрана на срамот кон нашите браќа, кои во 1999 година засолнија во своите сиромашни домови илјадници Косовари кои беа протерани насилно од српската војска, порача Љатифи преку својата страница на Фејсбук.

По наглото зголемување на бројот на заболени од Ковид-19, косовската Влада во петокот донесе нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата, според кои, меѓу другото, од саботата за влез во државата е потребно да се приложи потврда за примени три дози вакцини, или две вакцини и негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа.

Од обврската за приложување сертификати за вакцинација при влез во Косово се ослободени лицата кои патуваат транзитно, странските дипломати, децата до 12-годишна возраст и лицата кои имаат лекарска потврда дека се ослободени од вакцинација.

Косовските државјани кои немаат примено две вакцини, по враќањето во земјата ќе треба да подлегнат на седумдневен карантин во своите домови. На сите вработени во јавните институции ќе им се бара сертификат за примени најмалку две дози.

Во образложението за новите мерки, Владата се повикува на најновата епидемиолошка ситуација, по порастот на случаите со Ковид-19. Иако според Институтот за јавно здравство на Косово, ситуацијата се смета за стабилна, сепак се вели дека опасноста останува, поради доминацијата на варијантата Омикрон на вирусот.

Последните денови во Косово имаше нагло зголемување на дневните бројки на заразени, така што само во последните 24 часа беа регистрирани 2.243 нови случаи, односно над 25 отсто од тестираните. Официјалната бројка на активни заболени во земјата, од околу 700, колку што изнесуваше пред петнаесетина дена, вчера достигна до 19.519, додека медицинските експерти очекуваат задржување на негативниот тренд и во наредниот период.