Балкан
12. February 2021 - 17:57

Косово: Нови шест жртви и 372 заразени од Ковид-19, укинат полицискиот час

Во Косово во минатото деноноќие се регистрирани нови шест смртни случаи како последица на заразата од Ковид-19, а во истиот период има и 372 нови случаи кај кои е откриен коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според последните официјални статистики, досега од појавата на епидемијата, во земјата вирусот е откриен кај вкупно 63.805 лица, од кои починале 1.540 заразени.

Последните 24 часа, согласно последниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово, како излекувани од болеста се евидентирани 333 лица кои претходно биле дијагностицирани со Ковид-19, со што бројката на оние кои ја совладале болеста достигна до 54.231.

Активни носители на вирусот во моментов, вклучително денешните податоци, се 7.041 лице.

Владата во оставка на Авдулах Хоти вчера, на предлог на Министерството за здравство, одлучи да ја укине мерката за ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата држава, односно и во таканаречената „црвена зона“, онаа со најголем процент на заразени од коронавирусот, каде што досега имаше забрана за движење од 21.30 до 5 часот наутро.

Одлучено е и да им се продолжи до 22 часот работното време на угостителските објекти и другите трговски оператори, како и за студентите да се врати наставата во факултетите, односно да се прекине онлајн наставата.

Обврската за приложување РТ-ПЦР тест при влез во Косово останува како и досега, односно важи за граѓаните кои доаѓаат од земјите со висок ризик, а не и за оние од Северна Македонија и другите соседни држави.