Косово во пресрет на уште еден неизвесен избор на претседател
Ниту еден од досегашните претседатели на Косово не беше избран без политички договор и интервенција на меѓународните претставници, а оваа судбина, по се изгледа, ќе ја дели и актуелниот вице-премиер и шеф на косовската дипломатија Хашим Тачи, кој се очекува деновиве да биде избран на претседателската функција.
Како што јави дописникот на МИА, во текот на 15 години плурализам, четворицата досегашни косовски претседатели беа избирани дури во третиот круг на гласање, по постигнат политички договор со посредство на меѓународните претставници.
Тоа беше случај и со првиот претседател Ибрахим Ругова, кој уживаше големи симпатии меѓу населението, како и со неговите наследници Фатмир Сејдиу, Беџет Пацоли и Атифете Јахјага на функциу.
Ова практика најверојатно ќе продолжи и со Хашим Тачи, кој е предложен за претседател од владејачката коалиција на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Демокраската партија на Косово (ПДК)K), но шансите тој да биде избран во првите два круга на гласање се минимални.
Поларитетот меѓу политичките партии во Косово,уште по војната беше многу нагласен, што оневозможуваше шефот на државата да биде избран со гласовите на една партија.
Иако неговата партија ЛДК, по војната ги доби изборите со мнозинство гласови, првиот косовски претседател Ругова во 2001 година за на функцијата беше избран во третиот круг на гласање во Парламентот. Истата година, за премиер беше избран Бајрам Реџепи од ПДК, врз оснона на договор меќу двете партии, уште позонат и како „Февруарски договор“.
И вториот избор на Ругова во 2004 беше со политички договор. По многу преговори на 17 ноември 2004, ЛДК, Алијансата за иднината на Косово (ААК) и неколку помали партии постигнаа договор за неговиот реизбор.
Атифете Јахјага која е трет претседател на Косово, а втор по прогласувањето на независноста на 17 февруари 2008 година, на функцијата дојде откако Уставниот суд оцени дека изборот на нејзиниот претходник Беџет Пацоли, кој на функцијата беше само еден месец, бил неуставен.
И таа дојде на ова функција по постигнатиот договор меѓу лидерите на три косовски партии - ПДК, ЛДК и Алијансата за ново Косово (АКР), со посредство на тогашниот амбасадор на САД во Приштина, Кристофер Дел.
Врз основа на ланскиот договор за формирање на актуелната косовска Влада, претседателската функција сега треба да ја добие Хашим Тачи. Иако според Уставот, последниот датум за избор на претседател е 7 март, спикерот на Парламентот Кадри Весели најави дека овој процес ќе заврши неделава. Веќе се собирани и потписи за свикување вонредна седница, чиј датум од страна на коалиционите партнери не се соопштува, но весникот „Експрес“ тврди дека изборот ќе се одржи в петок на 26 февруари.
Според член 86 од Уставот на Косово, за да биде избрана за претседател еден кандидат треба да добие поддршка од две третини од пратениците, односно 80 од 12-те, колку што брои Парламентот. Доколку, во првиот и вториот круг, ниту еден од кандидатите не добие двотретинско мнозинство гласови, се одржува трет круг во кој учествуваат двајца кандидати кои добиле најмногу гласови во претходните гласања. Кандидатот кој во ова гласање ќе добие 61 глас е избран за претседател на Косово. Во случај ни еден од кандидатите да не го добие потребниот број гласови ниту во третиот круг, Парламентот се распушта и се распишуваат нови избори, кои треба да се одржат во рок од 45 дена.
Лидерот на опозициската Алијансата за иднина на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, е убеден дека земјата ќе оди на предвремени парламентарни избори на почетокот на март. Тој за тиранската телевизија Топ-чанел изјавил дека очекува Тачи да не биде избран за претседател и оти како последица на тоа ќе бидат распишани вонредни парламнтарни изори.
- Не верувам дека Тачи ќе биде избран. Не верувам. Не гледам дека тоа е можно. Мислам дека на 7 март автоматски ќе одиме на нови избори, изјави Харадинај, кој во петокот го врати пратеничкиот мандат.
Тачи нема поддршка ниту од опозициското движење Самоопределување и од Иницијативата за Косово, кои заедно со ААК најавуваат серија протести што ќе кулминираат на 27 февруари.
Обединетата опозиција најави блокирање на Парламентот кога ќе биде закажамн изброт на претседател, но и блокада доколку се побара алтернативен објект за тоа.
Засега нема официјален став на десетте српски пратеници, иако има најави дека и косовските Србите ќе имаат свој кандидат за претседател.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија при Владата на Србија, Марко Ѓуриќ изјави дека косовските Срби треба да имаат свој кандидат за претседател.
- Ние ги советувавме претставниците на Српската листа да имаат свој кандидат. Сметам дека тоа би била одлука во интерес на Србите и доколку Србите немаат свој кандидат не е реално да го подржат Хашим Тачи, изјави Ѓуриќ.
Пратеникот на Српската листа и лидер на Прогресивната демократска партија (ПДС), Ненад Рашиќ за РТВ Дукаѓини изјави дека Српската листа ќе има свој кандидат за претседател на Косово и оти тоа ќе биде жена која ужива голем углед меѓу Срите.
- Она што можам да потврдам е дека кандидат за претседател ќе биде Винка Радосављевиќ. Таа е од Клин. Не е политичка личност.Таа е жена со голем авторитет кај српската заедница во Косово, додаде Рашиќ.
Винка Радосављевиќ е началник на Пеќката околија. Таа е дипломиран економист, а пред да дојде на актуелната фуниција била професор во училиште во Водања кај Клин. За кандидатурата и се потребни потписи на 30 пратеници, што реално е речиси невозможно да се случи.
Но, иако кандидатот на косовските Срби нема шанси да стане претседател на Косово, гласовите на пратениците од Српската листа може да бидат клучни при изборот на Хашим Тачи за шеф на државата, како што беше случај и при изборот на актуелната Влада на Иса Мустафа.
Ново на Сител
-
Со пакет од четири закони до департизација на јавниот сектор
-
Здравството пред колапс - Инфективна без доволно кадар
-
Дали дијабетичарите ќе останат без терапија?
-
Град Скопје ја објави програмата за Нова Година
-
Хуманитарна акција
-
Преглед на вестите од светот
-
СДСМ: Да се повлече законот за основно образование
-
МВР ги претставува резултатите од сработеното