Балкан
9. October 2016 - 19:16

Косовската Влада без српски министри поради Трепча

Српските министри го замрзнаа учеството во косовската Влада, а пратениците од Српска листа, која е дел од владејачкото мнозинство, нема да учествува во работата на Собранието поради носењето на Законот за Трепча, со што овој рудник премина во сопственост на Косово.

- Не сакајќи ситуацијата да ја направиме уште полоша, во овој момент само ќе ја формализираме одлуката која други во приштина ја донесоа наместо нас. Го замрзнуваме учеството во работата во Владата на Косово, меѓуминистерските комисии и останатите владини тела, каде нашето присуство би било само формално, а не суштинско, без уважување на нашите ставови и можност за влијаење при носењето одлуки, наведуваат српските министри.

Во соопштението потпишано од заменикот премиер на Косово Бранимир Стојановиќ, министерот за администрација и локална самоуправа Љубомир Мариќ и министерот за заедници и враќање Далибор Јевтиќ, се наведува дека тие не можат да се согласат со тоа дека владејачките албански партии со нивното присуство фингираат демократија.

Министрите дополнуваат дека ангажманот и работата на српските членови во косовската Влада ќе бидат насочени исклучиво на активности кои ќе придонесат за подобра положба на српскиот народ.

По состанокот во Косовска Митровица, претставниците на Српска листа порачаа дека отфрлаат секаква одлука во врска со Трепча, која е донесена без договор со претставници на Србите. Тие веруваат дека ваквиот потег на властите во приштина е намерен чин на газење на интересите на српскиот народ во Косово.

Со законот за Трепча се предвидува 80 отсто сопственост да има Владата во Приштина и влез на Владата во можни партнерства со приватниот сектор. 

Носењето на Законот за Трепча е неприфатливо и се очекува дека српската Влада и формално ќе ја прогласи оваа одлука на косовските институции за неважечка.