Македонија
10. January 2024 - 12:14

Ковачевски се уште не соопштува кога ќе се сретне со лидерот на опозицијата Мицкоски за техничката Влада

Премиерот Димитар Ковачевски денеска не одговори кога ќе се сретне со лидерот на опозоцијата Христијан Мицкоски во врска со техничката Влада, а за оставката рече дека таа ќе биде во законски предвидениот рок.  

-Во однос на оставката, таа ќе биде во законски рок поднесена, верувам на крајот на неделата после следната. И вчера имаше соопштение од Собранието во однос на датумите за гласање на техничка влада, така што тој дел ќе биде завршен така како што е пропишано согласно со закон, изјави Ковачевски на отворањето на новата Поликлиника во Сарај.   

Со ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, ќе имаме средба на која што ќе поразговараме околу подготовките за изборниот процес.

- Гледате, техничката влада е дефинирана согласно со закон. СДСМ излезе со своите кандидати според Статут одобрени од Централниот одбор за во техничката влада. Истото веројатно ќе го направи и ВМРО-ДПМНЕ, ќе се оди во Собрание и ќе се гласа за техничката влада и потоа отпочнуваат изборите, рече Ковачевски.  

СДСМ и тој како нејзин претседател разговараат за заеднички настап на изборите со сите коалициски партнери, меѓутоа, како што кажа Ковачевски, во моментов разговорите се на ниво на анализи, на програми, на визијата за државата, а не се насочени во детали во однос на тоа како би изгледале пратеничките листи.

Седницата за избор на техничката влада е најавена за 27 и 28 јануари, а се очекува премиерот во неделата претходно да поднесе оставка. Оставка се очекува и од претседателот на Собранието Талат Џафери кој ќе биде технички премиер, како и избор на Јован Митрески за претседател на Собранието.