Балкан
11. May 2020 - 15:44

Крик: Директорот на Институтот Дедиње набавил несигурни тестови за Ковид 19 од македонски бизнисмен осомничен за криминал

Директорот на белградскиот Институт за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“, Милован Бојиќ набавил брзи тестови за коронавирус „Биозек“, кои не се сигурни и кои лажно се претставени дека се произведени во Холандија – додека тие всушност се направени во Кина, објави денеска порталот КРИК (мрежа за истражување на криминалот и корупцијата).

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Крик и останатите медиуми кои ја пренесоа веста, наведуваат дека Бојиќ ги увезол тестовите од Северна Македонија од компанија на човек кој е под истрага за перење пари, изнуда и злосторничко здружување.

Пред пристигнувањето на овие тестови во Институтот Дедиње, најмалку 80 лица беа заразени со коронавирусот, и до ден денес никој нема одговорано за ширење на инфекцијата во оваа државна институција која се грижи за најтешките срцеви пациенти.

-По ширењето на вирусот во Институтот, Милован Бојиќ, порачал дека ќе започне со тестирање на сите што влегуваат во болницата. После два дена, институтот со кој раководи, купил 300 тестови за коронавирус „Биозек“од приватна компанија „Систина фармација“ од Северна Македонија, пишува во фактурата до која дојдоа новинарите на КРИК / ОЦЦРП, додавјќи дека овие тестови се рекламираат низ целиот свет дека се произведени во Холандија, за откривање на вирусот, а „Дедиње“ ги купил за 3.000 евра.

 

Според Крик, проблемот, сепак, е повеќекратен: овие тестови не се сигурни во откривање на коронавирус, лажно се рекламираат како холандски производ, а компанијата од која ги купил Бојиќ е во сопственост на македонски бизнисмен, кој е под истрага за криминал.

 

Пишувајќи понатаму во текстот, Крик објаснува дека овие тестови се прозведени во Кина, а препакувани во „холандски“ и се несигурни за тестирање на коронавирус.

-Во Северна Македонија имало случаи, како што откри истражувачката редакција на ИРЛ Македонија, дека лица за кои тестот „Биозек“ покажале дека се негативни, потоа починале од коронавирус, пишува Крик.

Приватната компанија „Систина фармација“ во Скопје, од која Институтот Дедиње ги набавил овие тестови, е дел од семејната компанија на еден од најбогатите македонски бизнисмени, Јордан Камчев, кој е под истрага за перење пари, изнуда и злосторничко здружување, наведува Крик.

Камчев е познат по аферата „Рекет“, во која е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и поранешната ријалити звезда, Бојан Јовановски, попознат како „Боки 13“.

Тестовите „Биозек“ пристигнати се на Институтот „Дедиње“ на 9 април. Бојиќ на новинарите на Крик им изјави дека тие биле користени како помошно средство, а не како тестови што можат да го утврдат присуството на вирусот, наведувајќи дека тестирањето е направено само во итни случаи, со цел да се спречат пациентите позитивни за овој вирус да доаѓаат во установата.

Тој исто така тврди дека Институтот не платил за тестовите.

-Иако фактурата е издадена од Институтот „Дедиње“, Бојиќ кажа дека тестовите биле донирани и дека фактурата ја платил спонзорот – чие име не го открил, пишува Крик.

„Комплетната документација – писмо со намери, договорот за донација и брзата исплата е во Институтот“, кажа Бојиќ за КРИК, но одби да им ги достави на новинарите.

Бојиќ инаку бил член на ЈУЛ на Мирјана Марковиќ, сопруга на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, пратеник во 1997 година, а три години подоцна министер за здравство.

Во 2005 година Бојиќ завршува на обвинителна клупа, под сомнение дека, како директор на „Дедиње“, во периодот од 1995 до 2000 година, го оштетил институтот за 200 илјади германски марки, поради што бил на суд. Во април 2012 година, тој беше осуден на 10 месеци затвор, а во октомври 2015 година, тој е правно ослободен.

Бојиќ повторно е во собраниската клупа кон средината на 2016 година, како пратеник на Српската радикална партија и член на тимот лекари на нејзиниот лидер Воислав Шешељ кога го посетувал во Хаг, каде беше суден пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија за злосторства против човештвото. Тој учествуваше со Шешељ во неговата претседателска кампања пролетта 2017 година.

Неколку месеци подоцна, по предлог на Министерството за здравство, Бојиќ дојде повторно да го предводи Институтот Дедиње.