Балкан
12. January 2023 - 14:48

Кришто најави дека првата работна посета ќе и биде во Загреб, ќе договара заедничка владина седница

Новоименуваниот претседавач со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто (ХДЗ БиХ) најави дека првата официјална посета ќе и биде во Загреб, каде ќе договара прва заедничка седница на Советот на министри и Владата на Хрватска.

Според загрепскиот „Вечерњи лист“ (издание во БиХ), седницата треба да се одржи најдоцна во март, по завршувањето на новото свикување на Советот на министри на БиХ.

Влезот на Хрватска во Шенген-зоната и олеснувањето на преминот на границата за бизнисмени и други лица во моментов се најактуелните прашања за кои би се разговарало.

Како што се наведува во текстот, од Хрватска ќе се бара поедноставен граничен режим, со цел да се забрза преминувањето на стоката и да се намали можноста за нивно расипување, а ќе се разговара и за редефинирање на сегашниот договор за граничните премини.