Критики за француската Влада поради планот за излез од изолација
Француската Влада денеска се најде на удар од критики и прашања околу планот за постепено ублажување на мерките за изолација, најавен за 11 мај.
Градоначалничката на Париз, Ен Идалго и повеќе од 300 други градоначалници бараат од Владата да го одложи најавеното враќање во училиштата за некои групи деца, објаснувајќи во писмото до францускиот претседател Емануел Макрон дека датумот е „неодржлив и нереален“ во повеќето општини.
Француските училишта се затворени од средината на март, а министерот за образование, Жан-Мишел Бланкер тврди дека околу четири проценти од учениците изгубиле секаков контакт со своите наставници и заостануваат со наставниот материјал.
Градоначалниците, пак, тврдат дека немале доволно време да ги подготват училиштата за повторно отворање, кои се соочуваат со логистички проблеми, како што се обезбедување заштитни маски за наставниците и учениците во средните училишта.
Операторите за јавен превоз, исто така, изразија загриженост во врска со планот за излез од изолација и предупредуваат дека на 11 мај нема да можат да ја обезбедат потребната физичка дистанца за патниците.
Францускиот премиер Едуард Филип во текот на денот треба на Сенатот да му го претстави планот за олеснување на мерките.
Со 25.000 смртни случаи, Франција е една од најпогодените европски држави од Ковид-19.
Ново на Сител
-
Зошто нема организиран превоз за лица кои одат на дијализа во ГОБ 8-ми септември?
-
Нова компресорска станица на Клинички
-
Еуроактив: Нема преговори меѓу Софија и Скопје, македонската влада сепак дава шанса на дијалогот
-
Преглед на вестите од светот
-
Избран нов Виш обвинител во скопското обвинителство
-
Нова компресорска станица на скопските клиники
-
Безбеден интерент за младите
-
Во ера на дигитализација младите не спортуваат