Крива Река загадена со цијанид и олово, општината ќе бара кривична одговорност
Еколошка катастрофа, која ќе го уништи целиот воден свет. Вака токисколозите го коментираат зголеменото присуство на цијанид и олово во Крива Река, откако отпадната вода од рудникот Тораница се слеала во реката, по што добила сива боја.
Доктор Беќаровски апелира до граѓаните – да не ја консумираат рибата од оваа река, затоа што може да има смртни последици. Дали е опасен воздухот и почвата, зависи од концентрацијата на цијанид, која треба да ја покаже извештајот.
- Самата појава на цијаниди е еден од најсмртоносните отрови, познат од векови наназад. Инаку, тој делува на клеточното дишење, односно спречува кислородната размена да влегува во клетките и со самото тоа ги убива и клетките. Со оглед на тоа дека се наоѓа во река, веројатно ќе делува на целиот жив свет во реката, што е еколошка катастрофа. За среќа, колку што знам, водата не се консумира, така што, во однос на населението не би требало да има некои директни штети, освен секако, ако не внесуваат риба која ќе биде загадена со тие цијаниди. Почвата, каде што плови реката, секако ќе има концентрации, но се ќе зависи од висината на тие концентрации. Тука може да зборуваме и за оловото кое го има и кое исто така ќе се наталожи во земјата и после тоа може да се внесе во организмот. Но тоа ќе биде само локална реакција која би се случувала само во блзиина на речното корито, изјави д-р Нико Беќаровски, Клиника за токсикологија
Градоначалникот на Крива Паланка ќе бара кривична одговорност од компанијата која стопанисува со рудникот Тораница, по направените анализи на реката кои покажале за 10 пати поголемо присуство на олово, но и голема концентрација на цијанид, фосфор и азот.
- Според ова лабораториско истражување од акредитирана лабораторија, концентрацијата на олово е за десет пати повеќе. Дополнително за неколку стотици пати е зголемена и концентрацијата на цијанид, и фосфор во Крива Река. Во ризик е и стоката која исто така се напојува од овие реки и со тоа индиректно е загрозено здравјето на граѓаните што ги користат земјоделските и сточни производи, вели Сашко Митовски, градоначалник на Крива Река.
Митовски го обвини и Државниот инспекторат за животна средина дека не постапувал навреме и законски. Од Инспекторатот пак со одговор - компанијата е казнета со 200,000 евра поради сторен прекршок од трета категорија.
„По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24.03.2025 година, од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање“.
Од еколошките здруженија и СДСМ бараат Јавното обвинителство да отвори истрага за овој случај.
- Најалармантно е што постојат сериозни сомнежи дека државните институции, пред сè Инспекторатот за животна средина, свесно прикривале информации и намерно ја дезинформирале јавноста. Иако биле обврзани по закон веднаш да земат примероци и да утврдат присуство на опасни хемикалии во водата, тоа не било направено. Наместо анализа, било објавено дека се излеала „само вода“, што е тешка лага со можни кривични последици, велат од СДСМ
Од Иницијативата О2 бараат и Инспекцискиот совет и Министерството за животна средина да го го испитаат делувањето на инспекторите, но и да се одземе лиценцата на концесионерот, а од Зелен хуман град со барање јавно да се објават извештаите од Државнит инспекторат и од независната лабораторија, а обвинителството да го гони сторителот.
Од Компанијата која стопансисува со рудникот пак, негираат дека водата која истекла од пукнатата цевка, содржела опасни хемикалии.
- Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од флотацијата на рудник “Тораница“. Апелираме да не се шпекулира и лицитира со неточни информации и инсинуации, со што ќе се спречи создавање на лажна слика поврзана со овој случај кај јавноста. Дополнително, бараме сите надлежни органи и институции да постапат во правец на изнаоѓање на вистинските причинители на еколошка катастрофа, доколку се утврди дека таа навистина постои, велат преку соопшение од „Булмак“.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар