Македонија
21. March 2017 - 13:26

Кривични пријави за четири лица што фрлија Молотови коктели врз Музејот на Албанската азбука во Битола

СВР Битола до Основото јавно обвинителство во Битола поднесе кривична пријава против четири лица на возраст од 16 до 17 години, од нив три лица се од Битола и едно лице од Демир Хисар, заради постоење на основ на сомнение дека извршиле кривично дело „Предизвикување општа опасност“.

Од СВР-Битола информираат дека на 7 март годинава околу 03.00 часот, пријавените извршиле кривично дело „Предизвикување општа опасност“ на начин што пријавените изработиле 4 молотови коктели, односно стаклени шишиња кои ги наполниле со нафта, потоа ги затвориле со тапа и ставиле крпи околу нив кои ги залепиле со селотејп лента, и се упатиле кон Националната установа „Музеј на албанската азбука“ лоциран на „Булевар 1-ви Мај“ број 25, каде дел од нив ги запалиле со цел да го опожарат објектот.

- СВР-Битола презеде низа мерки и активности со цел откривање на сторителите и расчистување на кривично правниот настан. СВР Битола изврши увид и пронајдени се повеќе траги и предмети кои се подигнати и испратени на вештачење, пронајдена е и ДНК и утврдено е соовпаѓање со ДНК профилот на првопријавениот. Покрај тоа обезбедени се и други материјални докази кои укажуваат и оставаат сомнеж дека пријавените малолетни лица се извршители на кривичното дело, истакна Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола.

Од СВР-Битола нагласуваат дека согласно Законот за правда на децата, и со оглед на фактот дека се малолетни, не се споделуваат нивните лични податоци со јавноста.