Бизнис
21. February 2019 - 19:38

КСС на протест во Кичево ќе бара поголеми плати

Само административците на раководни позиции земаат плата во висина на просечната или поголема. Според Конфедерацијата на слободни синдикати, станува збор за 5 до 10 отсто од вработените. Просечната плата во декември минатата година, според статистика, изнесувала 25.784 денари. Од КСС посочуваат дека освен во енергетскиот сектор, буџетарите земаат далеку помали плати од државниот просек.

КСС в сабота ќе протестира во Кичево. Едно од нивните барања е платите на буџетарите да се зголемат за толку – колку што порасна минималната плата.

Од владејачката СДСМ велат дека во минатата година забележан е најголем раст на просечната плата во последните девет години.

-Само за една година просечната плата е поголема за речиси две илјади денари! Реалните економски политики на Владата предводена од СДСМ даваат реални, видливи резултати. Ако во 2017 година растот на платите се базираше на подигнувањето на минималната плата, во 2018 година воочлив е ефектот на зголемување на продуктивноста на фирмите, новите и добро платени работни места, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

Опозицијата, пак, реагира дека платите растат само за роднините на државните функционери, а трошоците на живот се сè повисоки.

-Трошоците за живот од месец во месец се сè повисоки, а граѓаните тоа го чувствуваат по нивниот џеб. Над 500 илјади граѓани живеат на прагот на сиромаштијата и едвај врзуваат крај со крај, а власта не презема ништо, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Манчевски информираше дека донесен е новиот Закон за инспекциски надзор. Со него е предвидено вработување на нови инспектори и раст на нивните плати за 30 отсто во следните три години.