Фудбал
5. March 2020 - 16:25

КУП: Второлигашот Брегалница ќе се бори за финале со А.Пандев

Попладнево беа извлечени полуфиналните двојки за домашниот фудбалски куп. Интересни двојки  со прволигашко дерби и шанса за Брегалница за историски пласман во големото финале. 
По вчерашните реванш дуели од  националниот куп  денеска експресно беа извлечени  полуфиналните двојки. Шкендија која успеа со гол повеќе во гости да го елиминира Работнички за влез во ново финале ќе се бори против новиот прволигаш Струга Трим Лум, екипа која  пријатно изненади во двомечот со Ренова.  Така стружани добија убава шанса експресно да го постигнат најголемиот клупски успех а тоа е пласман во финалето доколку го елиминираат актуелниот  првак во македонското првенство, Шкендија екипа која ќе се бори за влез во 6-тото финале откако претходно во 5-те обиди двапати го освои куп натпреварувањето. 
Убава шанса за ново финале добија фудбалерите на Академија Пандев  кои ја бранат титулата која ја освоија минатата година со триумфот против Македонија ЃП. Струмичани имаат полесен противник, второлигашот Брегалница но не мора да значи бидејќи сините од Штип јасно најавија дека желба им е да играат финале што би било извонреден успех за овој клуб со голема традиција. 
Веќе петта сезона по ред  главниот град останува без куп трофеј. Од вкупно 27 трофеи дури 15 освоија екипите од Скопје.   Лидер е Вардар со 5 пред Работнички со 4.
За кого се насмевнува големото финале ќе покажат двомеч-дуеите на 8 април и на 6. Мај.