Македонија
14. March 2024 - 16:48

КЗБ: Децата со три дози ДиТеПер во период од 6 месеци може да се вратат во градинка

Децата без разлика на возраста ако во период од 6 месеци примиле 3 дози ДиТеПер можат да се вратат во градинка, но потоа исто за 6 месеци треба да бидат ревакцинирани. Ваква нова препорака денеска дадоа од Комисијата за заразни болести. Ова следи откако голем број иминизирани деца со 3 дози од понеделникот беа враќани од градинките поради одлуката на министерот и решенијата од ДСЗИ. Ставот на членовите на КЗБ е дека и прима вакцинацијата пружа заштита, но не и траен имунитет затоа потенцираат дека е битна и ревакцината.

-Деца кои примиле три вакцини во последните шест месеци и сега им следи ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци. Овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во овие шест месеци треба да им биде дозволено да влезат со напомена дека оваа вакцина треба да ја примат после шест месеци најрано од примањето на третата доза, изјави проф. д-р Александар Петличковски, Претседател на КЗБ.

Заради епидемијата на голема кашклица во Скопје, се скратува и времето за ревакцината со ДиТеПер од 12 на 6 месеци, но и растојанието помеѓу трите дози од 2 на 1 месец. Ова значи ако едно дете прва пат прими вакцина денеска за 2 месеци ќе може да посетува градинка.

-Во состојби кога имате прогласено епидемија од здравствен аспект, епидемиолошки имате можност за тој размак од два месеци го намалите на еден месец помеѓу дозите, што значи ќе имате 0, еден и два. Тоа значи дека циклусот за комплетната вакцинација може да се заврши во два месеци. Тоа го дозволува и самата вакцина и ние го донесовме според Протоколот издаден од Комисијата за заразни болести како препорака со цел повторно да направиме позабрзан временски период за вакцинација на децата, изјави проф. д-р Александра Грозданова, Претседател на Националниот комитет за имунизација.

Инаку состојбата со голема кашлица не е стабилна и може да се влоши, оцениле на состанокот на Комисијата за заразни болести. Во Скопје има над 170 случаи, а во Целата држава повеќе од 200 заболени од пертусис. Доколку бројките станат алармантни од КЗБ најавија дека ќе ја вратат старата одлука, без прва ревакцина да нема градинка. Петличковски потенцираше дека потврди од педијатри за привремена спреченост за вакцинација не се валидни.

-Постојат само потврди за трајна спреченост од вакцинација, тие се тие потврди кои се издаваат од тричлена комисија на Клиниката за детски болести, но вакви потврди за привремена спреченост не издаваат и не се валидни ниту од матичен лекар, ниту од Клиника, ниту од друга некаква комисија, подвлече д-р Петличковски.

За реакциите на родители зошто во еден ден на детето се ставаат и МРП и ДиТеПер вакцини, од Комитетот за имунизација се категорични дека двете вакцини можат да се примаат одеднаш и ваков допис од јануари има до сите вакцинални тимови.