Балкан
21. October 2023 - 18:43

Лајчак од Белград: За Србија и Косово нема европска иднина без имплементација на договорот

По неуспехот од последнниот дијалог во Брисел меѓу Белград и Приштина, и по вооружениот напад во Бањска во северно Косово, големата петорка предводена од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, денеска, после Приштина допатуваа во Белград на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во обид за продолжување на дијалогот за да се намалат растечките тензи меѓу Србија и Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Во делегацијата предводена од Лајчак се и заменикот помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, советниците за надворешна и безбедносна политика на претседателот на Франција и канцеларот на Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер и дипломатскиот советник на премиерот на Италија Франческо Тала, 

И додека Вучиќ на Инстаграм профилот кусо напиша дека „средбата со петорката била тешка и дека верува дека во наредниот период ќе се најде излез од кризата, како и дека очекува важни средби во Брисел наредните денови, Лајчак по средбата даде повеќе информации пред новинарите, потенцирајќи дека „нема европска иднина за Србија и Косово без имплементација на договорот за патот кон нормализација и сите досегашни договори“.

-Изразивме загриженост за негативните случувања во процесот на нормализација, што е директно поврзано со патот на Србија и Косово кон ЕУ, рече Лајчак, нагласувајќи дека целта на посетата на „големата петорка“ е да се види како да се постигне конкретен напредок во спроведувањето на Охридскиот договор на патот кон нормализација на односите, како и деескалација на ситуацијата во Косово.

-Сакаме јасно да ставиме до знаење дека силно го осудуваме нападот врз косовската полиција на 24 септември. Сите извршители на нападот мора да бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка на Србија во овој поглед, рече Лајчак.

Тој додаде дека лидерите имаат одговорност кон своите граѓани и дека и Белград и Приштина мора да работат на деескалација и нормализација на односите.

-Таа порака му ја пренесовме на претседателот Вучиќ. Србија и Косово склучија нови договори во февруари и март оваа година и очекуваме двете страни да почнат да ги исполнуваат своите обврски и од новите и од старите договори, рече Лајчак.

Тој посочи дека дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе биде на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на европските земји в понеделник, а за него ќе разговараат и лидерите на ЕУ подоцна во текот на следната недела на Советот на Европа.

-Оваа посета директно ќе влијае на тие разговори. Како што многупати кажавме, нема европска иднина ниту за Србија, ниту за Косово, без нормализација на нивните односи и имплементација на усвоените договори за нормализација, и сегашните и претходните. Сакаме да гледаме стабилен, просперитетен и европски регион на Западен Балкан и затоа дијалогот е од клучно значење.Нашиот разговор со претседателот Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе продолжи и во наредните денови, заклучи Лајчак.

Лајчак и неговиот американски колега Габриел Ескобар, придружувани од највисоките дипломати на Германија, Франција и Италија, во Приштина се сретнаа и со премиерот на Косово, Албин Курти, кој по разговорите изјави дека е потребен „нов пристап“ за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Белград.