Македонија
19. јуни 2019 - 14:51

Лани 477 лица умреле од насилна смрт

Во 2018 година бројот на почината лица од насилна смрт е зголемен за 13,3 отсто, односно бројот на умрени лица изнесува 477, додека во 2017 година починати се 421 лице. Според податоците, од Државниот завод за статистика, од последните десет години, во последните три години се забележува пад на бројот на лица кои починале од насилна смрт.

Во вкупниот број случаи на насилна смрт во 2018 година, најголемо учество имаат несреќните случаи со 70,4 отсто, самоубиствата со 24,3 проценти и убиствата со 5,2 отсто.

Кај категоријата самоубиства, на прво место се случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација, со учество од 13,4 отсто. Во 2018 година се извршени 116 самоубиства, што може да се забележи како намалување во споредба со изминатите десет години.

Според податоците од Државниот завод за статистика, најмногу самоубиства од 2008 до 2018 се забележани во 2012 година, односно 172 регистрирани, па во 2013, 170 самоубиства.

Во однос на убиствата, во 2018 година животот им бил одземен на 25 лица, што е значително помалку споредбено со претходните десет години.

Имено, најмногу убиства се случиле во 2010 година, односно 44. Ако се земе предвид бројот на убиства во 2018 година, за разлика од изминатите десет години, само во 2013 и 2016 година се регистрирани помалку убиства, односно 18 на годишно ниво.

Во 2018 година, бројот на починати лица во категоријата на несреќни случаи изнесува 336.

Имено, гледано од податоците во последните десет години, може да се забележи дека само во 2017 година бројот на починати лица во несреќни случаи е помал во споредба со 2018 година. Најголем број починати лица во несреќни случаи е регистриран во 2010 година.

Во структурата на починати лица од насилна смрт според полот, се забележува дека, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа со 76,3 отсто.