Македонија
3. April 2024 - 16:34

Лажни анкети на ВМРО-ДПМНЕ или фалсификувани документи на СДСМ?

СДСМ објави документи со кои тврди дека анкетите кои ги објавува МТВ се лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ. Целата шема велат дека е разработена од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а покрај лажни анкети за рејтинзите, имале задача да креираат и лажни вести.  

Предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ. Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа 3 опозициски и 1 од власта. ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести а креираат и лажни вести преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали. Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните а немаат врска со реалноста, вели Дарко Каевски

ВМРО-ДПМНЕ пак со факти ги негира тврдењата. На документите кои ги СДСМ има  лица кои не постојат, грешни презимиња, но и состанок одржан во декември оваа  година.  

Фактите се следни:

Прво, потписите коишто би требало да стојат зад имињата на фалсификуваниот документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните потписи.

Второ, имиња и презимиња на фалсификуваниот документ се или неточни или воопшто не постојат такви лица.Трето, датумот на фалсификуваниот документ е 5 декември 2024 година, осум месеци во иднината. Што значи или се повикуваат на датумот 5 декември 2023 на состанокот на ИК по којшто соопштивме дека Претседателот Христијан Мицкоски ќе го предводи РИШ, или целосно се одлепени од реалноста. За потсетување, РИШ на ВМРО-ДПМНЕ се формираше во февруари годинава, вели Наум Стоилковски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Тужба најавува и првиот човек на Институтот на политички истражувања Скопје кој стои зад објавените анкети на МТВ.

Демант пристигна и од Македонската телевизија

Сите медиумски работници вклучени во програмата стојат зад нивната работа.  МТВ во никој случај нема да влезе во днево политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Уште еднаш апелираме политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис. За сите овие партиски и политички притисоци и обиди за подривање на кредибилитетот на Јавниот сервис ќе бидат известени сите домашни и меѓународни медиумски организации како и амбасадите и мисијата на ОБСЕ., се вели во реакцијата

Инаку според анкетите кои изминатите три месеци ги објавува МТВ, предвидуваат убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ во сите изборни единици и двојна предност на Силјановска пред Пендаровски.