Македонија
5. November 2017 - 17:15

Лични и образовни асистенти им помагаат на учениците со попреченост во Струмица

Лични и образовни асистенти им помагаат на учениците со попреченост во Струмица. Десет лични и пет образовни асистенти веќе еден месец им помагаат на исто толку ученици кои имаат одредена попреченост , а се вклучени во редовниот образовен систем. Асистентите се ангажирани преку проект кој општина Струмица го спороверува со поддршка на УНДП во трите средни  и во исто толку основни училишта во општината. Нивната  задача е да ги обезбедат неопходните услуги на учениците со попреченост во текот редовниот наставен процес.

- Образовните асистенти се присутни за време на часовите со учениците со попреченост. Работат на нивните училишни задачи,  на нивните домашни задачи, едноставно ги дополнуваат наставниците или професорите кои што треба да работат со овие деца,  додека личните асистенти помагаат во делот на личните потреби кои што ги има самиот ученик додека е на училишна настава, вели Нела Масалковска – координатор на проектот

Проектот ,,Лични и образовни асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовниот образовен процес“ наиде на голема поддршка и од страна на родителите од кои голем дел неретко биле принудени и да ги напуштат работните места за да им помагаат на нивните деца. Велат за нив ова за нив значи многу, но уште позначајно е за нивните деца бидејќи на тој начин им се олеснува секојдневието  и нормалното  функционирање во училиштата.

- Особено е важно за нас како родители за мене и за мојот сопруг тоа што нашиот син со добивањето на личен асистент на некој начин доби и другар и придружник. Тоа е повеќе важно отколку што е важно колку личниот асистент ме одменува мене или мојот сопруг како родител во грижата за нашиот син, вели Светлана Мазгаловска Вучетиќ - родител

Струмица е прва општина во државата која го имплементира овој проект.  Истиот започна мината година како пилот проект со шест лични асистенти, но позитивните резултати биле причина годинава истиот да биде продолжен со максималната бројка на асистенти. Од локалната самоуправа очекуваат овој прокт да продолжи и во иднина и преку законски измени и воведување на програма за персонална асистенција на Министерството за образование и Министерството за труд и социјана политика  да стане реалност во Македонија.