Македонија
13. August 2024 - 16:38

Линеарно зголемување на пензиите: Популизам или неопходност?

Под топлото сонце, лани во август, во Скопје дојдоа пензионери од сите градови и побараа линеарно зголемување на пензиите. Тогашната власт го отфрли барањето со образложение дека со тоа ќе се наруши стабилноста на пензискиот систем.

Новата власт, пак, уште на првата седница донесе одлука за линеарен раст на пензиите – две и пол илјади денари во септември годинава и уште толку во март догодина.

Токму ова ги отвори дилемите дали и за колку ќе се продлабочи дупката во пензискиот фонд.

Со ребалансот на буџетот, кој беше усвоен вчера, се обезбедуваат дополнителни 5 милијарди денари за исплата на пензиите до крајот на годинава. Од тие пари, половина ќе се трансферираат во Фондот.

Министерката за финансии објаснува дека разликата меѓу процентуалниот и линеарниот модел е околу 145 милиони денари.

Околу 845 милиони денари е месечниот фискален ефект од овој начин на зголемување на пензиите. Притоа, по старата методологија, некаде би требало да е 710 милиони денари“ – Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

За пензионерите да ги добијат овие пари, ќе мора да се измени законот за пензиско и инвалидско осигурување, вели претседателката на СЗПМ. Таа појаснува дека законодавецот, притоа, ќе треба да регулира неколку значајни прашања, како на пример: што ќе се случува со системското редовно услогласување на пензиите и кои параметри ќе се користат понатаму. Прашана дали е фер сите пензионери да добијат исто, Трајкова рече:

Неблагодарно е да заземам страна и да поддржувам една група пензионери или пак да поддржувам нешто што не е компатибилно со поставеноста на нашиот пензински систем“ – Станка Трајкова, претседателка на сојуз на здруженија на пензионери

Според поранешната директорка на Фондот за пензиско, вистинскиот бенефит од зголемувањето, пензионерите ќе го почувствуваат ако нема раст на трошоците за живот.

Ние некако се навикнавме дека на пензионерите им е потребно зголемување на пензиите колку да преживеат. Евентуално да ги подмират режиските трошоци и нешто минимално за основни прехранбени продукти. Но, да не заборавиме дека нашите пензионери вложиле многу во државата и во системот. Каде е тука нивниот социјален живот, нивното дружење, излегување?“ – Билјана Јовановска, поранешна директорка на ФПИОМ

Според официјалните податоци, во Македонија има 337 илјади пензионери и 687 илјади вработени, што значи соодносот е 2 спрема 1.

За да имаме добар, стабилен пензински фонд, ние треба да имаме 4 вработени на 1 пензионер. Еве, нека не се 4, нека се 3. Треба да поработиме во делот на зголемување на бројот на вработените на вработени, односно осигуреници кои директно го полнат буџетот на фондот“ – Билјана Јовановска, поранешна директорка на ФПИОМ

Поради ваквите бројки, ФПИОМ е зависен од државната каса. Ревизорите пресметаа дека и покрај поголемите приходи во 2022-та, Фондот има недостаток на средства, кои се покриваат со пари од Буџетот и учествуваат со над 33 % во вкупните приходи.

Димитриеска Кочоска очекува трансферите да се намалуваат поради повисоките плати.

Платите ќе растат не заради тоа што сакале или не сакале работниците, или владата сакала, туку заради тоа што има недостиг на работна сила. Тука има притисок за раст на платите. Буџетот ќе се полни во делот на придонеси повеќе и на тој начин, плус со намалување на сивата економија, очекувам дека трансферите во следниот период кон ПИОМ ќе се намалуваат“ – Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии

Треба да се апелира кај младите, кај работодавачите – придонесот за пензиско осигурување да се пресметува на реалната плата, а не само на најниската плата“ – Станка Трајкова, претседателка на сојуз на здруженија на пензионери

За финансиската кондиција на Фондот најважни се вработените, но проекциите за во иднина се негативни. Ќе има се повеќе пензионери, а се помалку работници. Па така, предвидувањата се дека кон средината на овој век, односно 2050-тата година, соодносот ќе биде 1 спрема 1.