Македонија
2. November 2023 - 12:43

Лога на пратениците им достави фотографии од затворот Идризово

Пред почетокот на денешната 129. Собраниска седница на која треба да се разгледува предлог Законот за амнестија министерот за правда Кренар Лога на пратениците им достави албум со фотографии од затворот Идризово. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување голем број амандмани, а амандмани најави и СДСМ со цел да изземат од амнестирање осудените од предметот „Монструм“. 

Со овој закон, како што стои во образложението, се уредува ослободување од извршување на казна затвор (амнестија) лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во државава и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Северна Македонија и казната ја издржува во земјава врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот.  

-Осудените лица од член 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно се ослободуваат од издржување на казната. Осудените лица од член 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Осудените лица од член 1 од овој закон на кои со правосилна пресуда им е изречена единствена казна затвор, се ослободуваат од издржување на единствената казна затвор за 30 отсто во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија. Доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое не подлежи на амнестија, осудениот од член 1 од овој закон се ослободува од издржување на казната за 30 отсто само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија, се посочува во Предлог-законот за амнестија. 

Со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 треба да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.