Македонија
22. March 2024 - 12:20

Локалните радио станици во борба со лажните вести

Традиционалните медиуми, посебно локалните радио станици, последните 20-тина години исчезнуваат од македонскиот етер. Ова не е ексклузивитет само кај нас, туку се случува ширум Европа, а причината е од економска природа.

- Пронајдовме многу сличности помеѓу локалните радиа, бидејќи се соочуваат со истите проблеми. Главните проблеми кои ги идентификувавме е нeдостатокот од финансии, зашто тие се наоѓаат во помалку населeни региони, ги немаат истите можности како што ги имаат големите радија во големите градови. Во Македонија ги воочивме истите проблеми, што значи дека е тешко за локалните радиа да преживеат, изјави проф. Жорж Мануел Гонсалвес, Политехничкиот универзитет од Гварда, Португалија.

Оние кои успеаа да преживеат, ќе мора да се прилагодуваат на новото време. Преку внимателниот избор, со помош на вештачка интелигенција, ќе треба да се стремат да обезбедат пристап до вести и информации, кој ќе биде отпорен на опасностите од лажни вести и дезинформации. За таа цел УГД, заедно со партнерите од Португалија, Словачка и Хрватска, рализираат проект „NEWAWES“, преку кој се креира платформа за проверка на фактите.

- Од голема важност за радио станиците е да знаат дека, тоа што е поставено на платформата како информативна содржина, за да биде пласирана на нивните програми е проверена или не содржи лажни содржини. Се разбира дека вештачката интелигенција во оваа фаза во која што се наоѓа од нејзиониот развој, не може со сигурност да определи што е точно, а што е неточно и од тие причини во проектот е предвидено финалната селекција или определувањето дали некоја вест е лажна или точна да ја има човечкиот фактор- изјави Васко Златковски, раководител на проектот „NEWAWES“ за УГД - Штип.

Целта на проектот е да се зајакнат и ревитализираат локалните медиуми, а меѓуинституционална соработка служи како вреден пример за тоа, како академската заедница може активно да се вклучи во развој и имплементација на практични решенија за социјални и културни предизвици.