Македонија
20. March 2024 - 12:16

Лошо законско решение дестимулира донации

Законот за донации и спонзорства мора да се менува за да се мотивира бизнис секторот да донира

Сложената и гломазна административна процедура е пречка за бизнис секторот да донира средства на фондации, јавни институции и граѓански здруженија. Од Фондацијата за развој на локалната заедница-Штип со став дека, за да се подобрат работите на оваа тема треба да се донесе нов Закон.

- Законот за донации и спонзорства е во процедура на менување во Министерството за правда, дури веќе е дојдена и до Влада некоја верзија, според која, барем од она што го имаме видено, треба да се олесни административната процедура за донирање, изјави Борис Шарковски, Фондација за развој на локалната заедница-Штип

Според актуелното законско решение, фирмата донатор мора да помине низ просец на пријавување, на пресметки, на завршна сметка, книжење на посебни конта на уплатените средства, што влијае демотивирачки и многу малку се користи мерката за ослободување од данок.

- Корисникот, односно, корисниците на донацијата, здруженијата на граѓани, според овој предлог кој го има, само се регистрираат во Министерството за правда и кога донирате на вакво здружение, организација, тогаш по автоматизам сте ослободени од данокот, т.е. ги користите даночните олеснувања кои што ги предвидува Законот- додаде Шарковски

Како позитивен пример дека моделот може успешно да функционира е проектот „Платформа за инвестиции во заедницата“, во реализација на Фондацијата за развој на образование и култура „Албиз“.

- Фондацијата „Албиз“ секоја година дели по 175 стипендии и оваа програма е поддржана само од бизнис секторот. Значи годишно повеќе од 1 милион евра се даваат само од бизнис секторот- изјави Назлие Куртише, Координаторката на проектот.

Проектот се имплементира во Скопје, Тетово, Струмица и Дебар, но целта е моделот да се реплицира и во другите градови. Бизнис секторот не треба да има улога на спонзор, туку на партнер во решавање на проблемите на локалните заедници, а од тоа да има и бенефит.