Фудбал
8. March 2016 - 10:03

ЛШ: Заверка на 1/4 финалето во Мадрид и Волфсбург

Две реванш средби од осминафиналната фаза во фудбалската Лига на шампионите на програмата се во вторник. По одиграните први натпревари, поблиску до четвртфиналето се фудбалерите на мадридски Реал и Волфсбург. Реал пред две недели победи во Рим со 2:0, а Волфсбург славеше во Гент со 3:2.
 
„Одиме во Мадрид да се обидеме да одиграме совршен меч. Знаеме дека ќе биде тешко да го сториме тоа, но нема да се предадеме. Се обидовме во првиот меч да постигнеме барем еден гол, но работите беа многу комплицирани. Сега мора да се обидеме да одиграме совршено и да ги користиме шансите“, изјавил пред гостувањето во Мадрид, играчот на Рома Миралем Пјаниќ.
 
Рома игра многу подобро под водство на Лучано Спалети, кој најавува офанзивна формација во Мадрид, со Џеко како најистурен и Салах, Пероти и Ел Шарави како поддршка за Босанецот во нападот.
 
Традицијата не е сојузник на Рома, бидејќи Реал на последните 33 натпревари како домаќин во Лигата на шампионите забележал 28 победи. Последен пат со два гола разлика во ЛШ загубил во сезоната 2010/2011 од Барселона.
 
Инаку Реал, покрај Барселона, е единствениот непоразен тим сезонава во Лигата на шампионите.
 
Рома на овој меч ќе биде без германскиот дефанзивец Антонио Ридигер и Даниеле Де Роси, додека неизвесен е настапот на Раџа Наинголан. Кај Реал сигурно нема да настапи Карим Бензема, додека Герет Бејл по подолга пауза се врати во тимот.
 
Волфсбург е на добар пат да го забележи најголемиот клупски успех во ЛШ, од пласманот меѓу најдобрите осум екипи го делат уште 90 минути.
 
Формата во која се наоѓаат двата тима фаворитската улога им ја дава на Германците. Во последниот првенствен меч Волфсбург победи против Менхенгладбах со 2:1, додека Гент загуби од Лиеж 1:2. 
 
Гент на последните седум дуели има забележано четири порази.
 
Натпреварите во Мадрид и Волфсбург ќе започнат во 20:45 часот.