Фудбал
20. November 2016 - 10:24

Мадридското дерби за Роналдо

Фудбалерите на Реал го совладаа Атлетико на „Винсенте Калдерон“ со 3-0, во рамките на 12.коло во Примера. Роналдо со хет трик му обезбеди триумф на својот клуб. Атлетико е во криза, го забележа третиот пораз на последните четири натпревари во првенствот, за разлика од Реал кој нема пораз на последните 24 натпревари во Примера. Последниот пораз Реал го доживеа од Атлетико на 27.февруари.
 
Реал тактички го надигра Атлетико во натпревар кој понуди просечен фудбал. Играчите на Зидан ја добија битката во средниот ред и максимално ги казнија сите грешки во одбраната на Атлетико.
 
Реал ја контролираше играта, добро ги затвори приодите кон својот гол, од игра целосно го исклучи Гризман, а од контранападите ја напажаше несигурната одбрана на противникот.
 
Атлетико личеше на себе само во првите десет минути од вториот дел, кога силно притиснаа кон голот на противникот, но Гризман и Караско не успеаја да го совладаат Навас.
 
Дополнителна сигурност во играта Реал доби по првиот гол, кој Роналдо го постигна во 23.минута. Португалецот изведе слободен удар од 28 метри, топката удри некого во живиот ѕид и заврши зад грбот на Облак.
 
Роналдо во 71.минута избори пенал кој го претвори во гол, а шест минути подцна по асистенцијата на Бејл рутински реализираше еден контранапад.
 
Потугалецот со овие три гола дојде до бројката од 18 погодоци во градските дуели и на вечната листа е прв пред легендарниот Ди Стефано.
 
„Кралскиот клуб“ по 12 натпревари е лидер во Примера со 30 бодови, додека Атлетико е на петтото место со 21 бод.