Македонија
6. July 2020 - 17:02

Мајките позитивни на корона раѓаат здрави бебиња

Две родилки позитивни на Ковид-19 вчера биле породени на Клиниката за гинекологија. Заразата не ја пренеле на новороденчињата и денес ќе бидат пуштени дома. Од ГАК велат дека од почетокот на пандемијата досега низ родилните сали поминале над 20 трудници со корона и ниту едно бебе не е родено позитивно на вирусот.

-Немаме вертикална трансмисија од родилка на бебе, од сите нив најголем број, речиси 90 проценти с есо лесна клиничка слика. Во консултација со Инфективна се договараме дали одат дома или пак има потрерба од хоспитализација на Инфективна клиника, вели др. Викторија Јованова директор на ГАК.

Во моментот уште една родилка позитивна на Ковид-19 е на Гинекологија а за четири жени чекаат резултати од тестирањата. Нема посети кај трудниците и пациентите, а семејствата за земање на новороденчињата чекаат надвор пред влезот почитувајќи ги правилата за заштита.  

-Веќе еден месец ги примаме сите, не ги препраќаме во болницата во Чаир освен ако овде не се пополнети капацитетите кај нас. Без разлика дали е позитивна, сомнителна или здрава ги примаме. Се одвиваат и операциите кај карциноми, не со интензитет како порано но се работи, вели др. Јовановска.

Во статистиката на Инситутот за јавно здравје е регистриран еден смртен случај на родилка поради компликации од корона вирусот. Жената почина на почетокот на април на Инфективна откако претходно предвремено беше породена на Гинекологија.

Инаку на ГАК од денеска имаат и брзи тестови за дијагностика преку кои за 40 минути ќе знаат дали некоја трудница или пациентка има Ковид 19.