Македонија
27. May 2020 - 14:27

Македонец, Србин и Црногорец вчера биле уапсени во Украина поради обид за убиство на Радое Звицер

Србин, Црногорец и Македонец вчера биле уапсени од украинските власти поради обид за убиство на Радое Звицер, лидер на таканаречениот "Кавачки криминален клан".

Украинските медиуми пренесуваат и дека по еден од уапсените Балканци е распишана меѓународна потерница за убиство. 

Како што може да се прочита во украинските медиуми, две лица вчера пукале во Звицер во близина на елитен станбен комплекс во главниот град на Украина, Киев.

Како главни причини за обидот за убиство биле наведени "криминалните активности на жртвата како и можно прераспределување во криминалната организација", рекол првиот човек на украинската Национална полиција, Игор Клименко.

По обидот за убиство напаѓачите се обиделе да побегнат, а во еден момент и се обиделе да го опожарат возилото кое го користеле. Притоа, еден од напаѓачите се здобил со изгореници.

"Полицијата го следеше автомобилот со кој осомничените се движеле кон Одеса, со цел да ја напуштат земјата надвор од царинската контрола преку границата меѓу Украина и Молдавија. Бидејќи напаѓачите биле вооружени, во акцијата беа вклучени специјалните сили. Утрово се приведени четири лица кои давале отпор при апсењето", рекол Клименко.

Кон Звицер биле испукани пет куршуми. Тој вчера бил опериран во Киев и се наоѓа во животна опасност.