Македонија
3. November 2015 - 17:07

Македонија се искачи за 4 места и е на 65 место според индексот на просперитет на британски ,,Легатум‘‘

Македонија се најде на 65-то место според индексот на проспертитет на британскиот институт Легатум. Новото истражување покажа напредок за четири позиции со што Македонија е пред повеќе држави од регионот. Послабо рангирани се Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, а подобро котираат Бугарија и Грција.

Индексот на просперитет на Легатум ги мери податоците на 142 држави во неколку категории. Македонија е најдобро оценета во категоријата здравство каде е на 50-та позиција, а во неа се оценуваат резултатите од лекувањето на пациентите, здравствената инфраструктура и превентивната нега.

Високи оцени Македонија добива и во категоријата претприемништво и можност за напредок каде е на 57-та позиција и безбедност на 58-то место. Во овие категории се оценува отвореноста на водење бизнис, еднаквиот пристап до можности за успех и личната и национална безбедност.

Пониски оценки државата добила во категоријата општествен капитал односно 96-то место во светот, и 86-та позиција во категоријата економија. Тука се анализираат општествената кохезија, основите за економиски раст и ефикасноста на финансискиот систем.

Според индексот на просперитет најдобро рангирана држава во светот е Норвешка а зад неа се Швајцарија и Данска.

Истражувањето за просперитет се објавува од 2008-ма година а се подготвува од страна на професори и научници од Лондонската економска школа, Универзитетот Тафс и други меѓународни институции.