Македонија
6. August 2015 - 12:50

Македонски Телеком со зголемени приходи од интернет и дигитална телевизија

Македонски Телеком АД Скопје во првото полугодие од годинава ги зголеми приходите од интернет и дигитална телевизија за 3,4 отсто и забележа пораст од 4,6 отсто во делот на IPTV и  база од 99,6 илјади MaxTV корисници.  

Приходите од продажба во првото полугодие годинава изнесуваат 5.035 милиони денари, што претставува намалување од 5,8 отсто во споредба со истиот период лани. Добивката од редовното работење пред оданочување, пак, е намалена за 10,4 отсто споредено со истиот период лани.

Неревидираните консолидирани финансиски резултати согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ) покажуваат дека Македонски Телеком ја задржа водечката позиција во фиксниот и мобилниот сегмент во првото полугодие од годинава и покрај силното пазарно опкружување.

По присоединувањето на Т-Мобиле Македонија кон Македонски Телеком, а согласно Спогодбата за присоединување и Анексот од неа, од 1 јануари годинава сметководствената евиденција ја води само Македонски Телеком.

Според соопштението од Македонски телеком, добивката од редовното работење пред оданочување на крајот од првото полугодие од 2015 година изнесува 631 милион денари и е намалена за 10,4 отсто споредено со истиот период од минатата година, што го рефлектира намалувањето на приходите делумно компензирани од помалите трошоци. Вкупната нето добивка на крајот од првото полугодие од 2015 година изнесува 548 милиони денари. Капиталните инвестиции на крајот од првото полугодие се во висина од  367 милиони денари.

Македонски Телеком, се вели во соопштението, на крајот од првото полугодие од 2015, ја одржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 61,9 отсто. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 17 отсто споредено со истиот период од  2014 година, со бројката од 229.000 корисници Македонски Телеком е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги, се вели во соопштението.

Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV на крајот од првото полугодие од годинава се зголемени за 3,4 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Базата на DSL корисници на крајот од првото полугодие од 2015 година останала стабилна во споредба со истиот период од 2014 година и изнесува 189,4 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 49,8 отсто, според интерните податоци.

Според Македонски Телеком, остварени се добри резултати со дигиталната телевизија. Бројот на корисници постојано се зголемува, што резултираше со база од 99,6 илјади корисници на IPTV на крајот од првото полугодие од 2015 година или зголемување од 4,6 отсто во споредба со истиот период од 2014 година. Со тоа Македонски Телеком ја задржа водечка позиција на ТВ пазарот достигнувајќи 23,3 отсо од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.

Во мобилниот сегмент,  се вели во соопштението, Македонски Телеком има водечка позиција  на пазарот со удел од 46,7 отстo согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од првото полугодие од 2015 година изнесува 1.180.000 претплатници и е зголемена за 1,2 отсто во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 1.166.000 претплатници.

- Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првото полугодие од 2015 година се намалени за 12,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите. Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи, при што сè повеќе минути се опфаќаат во пакетите за иста цена. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и зголемената конкуренција, просечниот приход по корисник е намален за 8,3 отсто во споредба со истиот период од 2014 година. Приходите од неговорни услуги се зголемија за 11,2 отсто во споредба со истиот период од 2014 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели, се вели во соопштението.