Македонскиот тим се враќа со сребрен и бронзен медал од 33. Балканска олимпијада по информатика во Тирана

Македонскиот тим кој учествува на 33. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026) во Тирана, освои сребрен и бронзен медал. Во тимот, предводен од Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се Владимир Грчев од Кочани, Дамјан Давков од Штип, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Грчев се закити со сребрен медал, а Дамјан Давков со бронзен медал. Стојковски и Кренков, пак, освоија олимписки пофалби.
Професорот Миле Јованов кој е и претседател на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), повторно беше избран за претседател на Балканската олимпијада во следниот тригодишен мандатен период.
-Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Ваквиот континуитет на резултати не е случаен, туку е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ, изјави Јованов.
Учениците кои се дел од македонскиот тим за БОИ 2026 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 37-ми пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи, а циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос едукација.
Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвен натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров, а се организира секоја година од 1993 година наваму. На годинашното, 33. издание, учествуваат натпреварувачи од 13 земји-членки на БОИ заедницата (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција), а како гости настапуваат и претставници на уште пет земји (Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина). Учениците се натпреваруваат индивидуално во решавање алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.
Домаќин на БОИ 2026 која се одржува од 14-ти до 20 септември, е STEM Hub Center.
Следниот настан кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која ќе се одржи од 22-ри до 28-ми септември во Сараево, Босна и Херцеговина. Следната, 34-та по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2027), ќе се одржи идната година во Турција.
МИА
Ново на Сител
-

Венс: Потезите на американската администрација во економијата и кон Иран ќе донесат придобивки во иднина
-

Приведен 18 годишен кумановец, при претрес во неговиот дом пронајдено е оружје
-

Сиљановска-Давкова: Врело стана најдлабока подводна пештера во светот
-

Бобан Илиоски со спектакуларно деби во „Глори 110“ – го нокаутира фаворитот уште во првата рунда!
-

Браун: Леброн е најдобриот кошаркар на сите времиња, чест е да се игра со него
-

Макрон за насилните протести: Тие кои напаѓаа и ограбуваа ќе бидат кривично гонети и казнети
-

Во Литванија граѓаните во засолништа поради непознат летачки објект
-

Одлуката на Трамп да ги укине санкциите против Русија предизвика незадоволство кај членовите на Конгресот
