Македонското знаме се вее пред седиштето на НАТО, Македонија e 30. членка
На свечена церемонија со кревање на знамето на Северна Македонија, вчера во седиштето на НАТО во Брисел се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.
Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на земјава во полноправно членство во НАТО, истовремено беа подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД. Церемонијата на подигнување на знамето се одржа симултано во исто време и во седиштето на Здружената команда за операции (Shape – Mons) и во седиштето на Здружената команда на НАТО за трансформации во Норфолк, Вирџинија.
Знамето пред седиштето на НАТО беше кренато додека се интонираше химната на Република Северна Македонија.
Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во Северноатлантската алијанса посака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакнувајќи оти ова е историски момент за нашата земја.
– Ние сме денеска собрани овде да и посакаме добредојде на Северна Македонија во семејството на НАТО со подигнување на знамето. Триесет знамиња сега ќе се веат заедно како симбол на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија и доаѓа по години посветеност и заложба за реформите, рече Столтенберг.
Тој истакна дека Договорот од Преспа го овозможи пристапувањето во НАТО и овозможи добрососедски односи и светла иднина за Северна Македонија.
– Вашата напорна работа го овозможи овој ден. Ова е добро за стабилноста, безбедноста и мирот на цел Западен Балкан, рече Столтенберг.
Тој потенцира дека во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Посилни сме заедно. Добредојдовте во НАТО!, порача Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО, веднаш по церемонијата напиша на Твитер: „Историски момент. 30 знамиња се кренати пред седиштето на НАТО, посакувајќи и добредојде на Северна Македонија како наша најнова членка“.
Историски ден за НАТО, и за сите граѓани на Северна Македонија. Тука сме стоиме цврсто и стабилно пред централното седиште на НАТО, конечно заедно сите сојуззници. Нашето знаме се виори заедно со другите 29 знамиња на НАТО сојузницте, изјави денеска в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров на свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел.
– Со членството во НАТО нашата иднина ќе биде стабилна, безбедна и просперитена. И ние ќе носиме одлуки за најважните прашања во рамките на насилната, најдобро организираната и најефикасната алијанса во историјата на шовештовото. Од сега натаму не сме сами, рече Тодоров.
Ние сме свесни, додаде тој, дека НАТО не е само за нашата стабилност и безбедност и сигурност. Како мала земја во срцето на Балканот која ја доби својата независнот пред речиси 30 години на мирен начин, прашањето на нашата безбедност, посочи Тодоров, секако е прво и најважно, меѓутоа нашето пристапување кон НАТО потврдува едно поважно постигнување, а тоа е гаранција за заштита на демократските вредности на модерниот западен свет на парламентарна демократија кои ги споделуваат една милијарда луѓе на овој дел од светот, а ги споедлуваме и ние – човековите права, владеењето на правото, доброто владеење и социјална заштита за сите.
– Нашето членство во Алијансата длабоко сум убеден дека е триумф на три интегрални сегменти од нашата Влада. Надворешната политика и нејзината професионална демократија, Армијата и нашата мудра, сеопфатна и темелна одбранбена политика, но над се тоа е триумф на целото македонско општетство и на сите граѓани на нашата Република, рече Тодоров.
Тој порача дека Северна Македонија е подготвена да ги преземе сите обврски од членството во НАТО.
Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по што имаше и кусо обраќање.
Спасовски рече дека денеска го остваруваме најголемиот успех на нашата земја од нејзината независност до денес. Знамето на Република Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО. Патот беше долг, како што рече тој, но наградата што пристигна денеска со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел ја заслуживме.
– Бидете горди почитувани мои сограѓани. Знамето на Република Северна Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја. Навистина ние денеска водиме една друга битка, битка со короната. Но, за момент ќе си дозволиме да се израдуваме, да се запише дека денеска е ден за паметење, ден историја. Ден кога нашето знаме се развиори заедно и рамноправно со другите од семејството на Северноатлатнската алијанса, најмоќниот воено безбедносен сојуз со историјата на човештвото, рече Спасовски.
Тој нагласи дека многу бргу по независноста на нашата земја тргнавме во остварување на оваа наша стратешка цел, се соочувавме и ги совладувавме сите предизвици, а во последните три години ги направивме клучните реформи, ги донесовме историските одлуки што го помрднаа силно нашиот евроатлантски процес кој беше сериозно загрозен.
– Со големите одлуки станавме подобра држава и подобро општество и наградата стигна заслужено. Бидете уверени дека ќе ја совладаме битката со коронавирусот и ќе го продолжиме нашиот пат на кој си поставивме остварување на другата стратешка цел – успешна завршница на процесот на преговори и членство во ЕУ. Ќе продолжиме да работиме на успешно спроведување на процесите за уште подобро општество и за уште подобра државна заедница на сите наши граѓани. Држава која ќе остане искрен и добар сосед со сите земји во нашиот регион, држава која што ќе ги зајакне своите капацитети и која ќе биде партнер на сите наши НАТО сојузници во глобалните предизвици за чување на мирот. Сојузник од кој ќе може сите останати партнери во НАТО да очекуваат поддршка и сојузник кој секогаш ќе може да смета на сите останати земји членки, подвлече Спасовски.
Дојде и тој ден! Македонското знаме гордо се вее меѓу 29 знамиња на НАТО сојузниците. Безбедна и сигурна иднина!, напиша денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на неговиот официјален Фејсбук профил.
– Една држава е силна колку што и’ е силна армијата. Една држава е силна колку што и’ е силна економијата. Една држава е силна колку што и’ се силни демократските институции. Но една држава е исто така толку силна, колку што и’ се бројни и силни сојузниците. Во нормални и во вонредни околности. Ќе не биде!, порача на неговиот Фејсбук статус Димитров, кој ја следеше свечената церемонија на кревање на знамето на нашата земја попладнево пред седиштето на НАТО во Брисел преку видео врска заедно со премиерот Оливер Спасовски и целиот кабинет на министри во зградата на Владата.
Високиот претствник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и чеситаше на земјава за тоа што стана 30. членка на НАТО. – Сакам да ѝ честитам на Северна Македонија за тоа што стана 30 земја членка. Ова е важен чекор, што дополнително ги консолидира европската и трансатлантската безбедност. Со нетрпение очекувам да работиме заедно и во рамките на соработката меѓу ЕУ и НАТО, рече Борел.
Формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на САД во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјава во Алијансата.
Ново на Сител
-
Ќе се разрешуваат членови на Судски?
-
Христовски ги исполнил условите
-
Османи: Груби згреши што избега
-
Мицкоски: Заканите на Ахмети не поминуваат кај народот
-
Пазарен ќе проверува како се растат цените по маркетите – Мицкоски најавува жестока акција
-
Седница на Советот на Град Скопје
-
Ги забавуваа скопјани за Нова Година, ама цела година ги чекаат парите од Град Скопје
-
Нова спортска сала