Свет
17. February 2023 - 16:42

Макрон со апел до сојузниците за зголемување на воената поддршка за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги повика сојузниците да ја зголемат воената поддршка за Украина за да и помогнат на земјата да ја спроведе неопходната контраофанзива против Русија.

- Апсолутно мораме да ја интензивираме нашата помош и напорите за да се помогне отпорот на украинскиот народ и неговата армија и да им помогнеме да започнат контраофанзива која сама по себе може да овозможи веродостојни преговори дефинирани од Украина, нејзините власти и нејзиниот народ. Подготвени сме за продолжен конфликт, изјави Макрон на Минхенската безбедносната конференција.

Тој најави дека сака да организира „конференција за противвоздушна одбрана во Европа“ во Париз, на која ќе се разговара за индустриски, но и стратешки проблеми поврзани со оваа област.

- Мора да имаме сила и храброст да го обновиме дијалогот со Русија за да најдеме трајно решение. Сепак, јасно е дека сега не е време за дијалог, заклучи Макрон.