Македонија
30. November 2017 - 13:43

Манчевски и Гарет потпишаа Меморандум за проект за модернизација на јавната администрација

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чарлс Гарет, денеска, во просториите на Министерството потпишаа Меморандум за соработка со кој започнува импелементацијата на проектот „Модернизација и трансформација на јавната администрација“.

Според амбасадорот Гарет, државната администрација која е во служба на граѓаните игра важна улога за една стабилна и силна демократија, а Британија може да го сподели своето богато искуство во оваа област.

- Рефромите често бараат тешки одлуки, дополнителни напори и пред се време. Квалитетот не се постигнува преку ноќ. Но, како државен службеник и самиот секогаш имам на ум бидејќи граѓаните ме плаќаат имам должност и обврска да им служам на најдобар можен начин, а тоа значи да носам тешки одлуки. Тоа важи за Велика Британија, исто колку што важи и за Македонија. Со добри идеи, посветеност и поличка волја заеднички може да изнајдеме начин државната служба да даде најдобра можна поддршка на своите граѓани.

Министерот Манчевски нагласи дека имплементацијата на проектот ќе трае до крајот на оваа година со можност за продолжување.

- Станува збор за значителна помош и проект кој што во голема мера ќе помогне за да ја спроведеме функционалната анализа на администрацијата и хоризонталната координација за многу подобро стратешко планирање на сите институции и подготвување на годишните планови. Отвореноста и транспарентноста преку она што го нарекуваме отворена Влада, исто така, ќе добие значителна поддршка пред се од овој проект од Британија, затоа што покрај стручната помош ќе подразбира и голема техничка помош која ќе ја искористиме во овој дел, рече Манчевски.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека во администрацијата реално нема нови варботувања, а има одреден природен одлив, а со предвидените анализи ќе се утврди каде треба да се спроведе преструктурирања, односно реорганизација, за подоцна ако има потреба и нудење на дел од вработените на приватниот сектор.

- Отпуштања нема да има, но преку разни начини на реорганзација ќе се обидеме да ја направиме администрацијата поефикасна. Една од главните делови на реформата на јавната администрација во 21 век е дигитализацијата која исто така ќе биде дел од овој проект, рече Манчевски.   

Проектот за поддршка на Република Македонија во реформата на јавната администрација во неколку области како што се: стратешко планирање и носење јавни политики, управување со човечки ресурси, подобрување на регулативата и отворени податоци. Вредноста на проектот изнесува 248.000 фунти.