Македонија
13. јуни 2017 - 13:50

Манчевски: Во институциите има превработеност, но и недостаток на стручен кадар

Јавната администрација се соочува со превработеност, но нема доволно стручен кадар, а институциите имаат несоодветна екипираност, особено со ИТ кадар поради што и е неопходна итна реформа, е заклучокот на денешната прва од серијата дебати со граѓанскиот сектор на тема реформа на администрацијата, организирана од Министерството за информатичко општество и администрација.

Целта на дебатите, како што рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, е да се следи процесот на реформи на јавната администрација од сите засегнати, да се добиваат совети и насоки од граѓанските асоцијации и да се формира консултативен совет за неопходните реформи за да се создаде стручна и ефикасна јавна администрација. 

- Јавната администрација во Македонија е силно политизирана, а реформите траат од 1999 година и не резултираа со ефикасност. Бесконечна дебата не е решение. Мора да се дефинира краен рок и да се усвои стратегија за реформа на јавната администрација која ќе овозможи влез на стручен кадар во администрацијата, рече Манчевски и додаде дека во последниве 10 години  има необјективно вработување во јавната администрација поради што има превработеност, но сепак недостасува стручен кадар. 

Посочи дека таков е случајот во повеќе министерства и како пример го истакна Министерството за информатичко општество и администрација, каде, како што кажа, проектите ги водат ИТ кадри од АЕК.

Нагласи дека новата Влада на секој можен начин сака да го чуе мислењето  на граѓаните и експертите и дека нема да носи брзи закони, освен во исклучителни ситуации.

- Цел ни е да направиме функционална анализа на јавната администрација со помош на невладините организации за да направиме прераспределба на сите вработени кои немаат соодветен ангажман, рече Манчевски и додаде дека се размислува за воведување двосменско работење на администрацијата и флексибилно работно време со доаѓање на работа во периодот од 7:30 до 8:30 часот, а одење од работа од 15:30 до 16:30 часот.

Како што посочи, ќе се укинува моделот на оценување и казнување на јавната администрација, потврдите за познавање на англиски јазик и психолошки тестови за вработување во администрацијата, ...

Вети скоро ревидирање на регистарот на вработени во јавната администрација и објавување на конечната бројка на вработени и прецизира дека во бројката од 120.000 врботени во администрацијата, заклучно со декември 2016 година, најверојатно не се земени во предвид привремените вработувања.

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски порача дека секоја институција се соочува со свои проблеми.

- Некаде има превработеност, а некаде недоволна врботеност поради што е неопходна координација и трансформација со преземање вработени од една институција во друга. Има и вработени со несоодветно образование на кои нема каде да им се најде работен ангажман соодветен на нивното образование, рече Рашковски.

Во администрацијата во Владата, како што кажа, најголем проблем досега било што недостасувал личен контакт со луѓето кои се на одговорна функција, а особено бил тежок пристапот до генералниот секретар.

- За да се контактира со генералниот секретар  најмалку било потребно да има тројца посредници од одговорните лица. Во иднина Генералниот секретаријат ќе биде отворен за комуникација со сите вработени, а очекувам да се зголеми и контактот со граѓаните, рече Рашковски и додаде дека во моментов  дневно се примаат по најмалку тројца граѓани.

Истакна дека во администрацијата во Владата моментно работат 289 луѓе и додаде дека 72-ца од нив треба да се прераспределат на соодветно место каде има потреба од нив. Побара од вработените нивната креативност да ја преточат во проекти.

- Превработеноста во јавната администрција треба да не плаши, но ако се стават во функција сите вработени може да бидат корисни за целото општество, потенцира Рашковски.