Македонија
7. April 2026 - 16:35

Мартовската инфлација е 4,9%, Мицкоски најавува таргетирани мерки

Речиси 5% инфлација во март споредено со лани. Државната статистика измери дека цените на мало скокнале за 3,4%.

За една година најголем раст има токму на ставките за кои домаќинствата трошат најмногу пари. Храната и безалкохолните пијалаци за 7,5%, алкохолот и тутунот за 8,8%. Висок раст има и на ставката за одржување на домаќинствата, но и кај спортот и рекреацијата. Овие две ставки пораснале за 5,9, односно 6,1%.

Владата анализира, а поради непредвливоста на случувањата на Блискиот Исток ќе презема чекори, потег по потег. Премиерот Мицкоски вели дека на денешната владина седница тема се тековни работи, но по Велигденските празници најави таргетирани мерки. Нешто што во изминатиот период го посочуваа и домашните експерти, но и меѓународните финансиски организации.

-Па веќе следните мерки би биле повеќе таргетирани, за одредени целни групи на граѓани и одредени производи. Зборувам тука пред сѐ на основните прехранбени производи. И тие мерки би биле комбинирани и со намалување на Данокот за додадена вредност, но и со ограничување на профитната маржа, рече Мицкоски.

Опозицијата реагира, мерките се задоцнети и немаат никаков ефект. Јована Тренчевска од СДСМ вели дека сѐ е поскапено, а цената ја плаќаат граѓаните и побара Владата да ги прифати предлог-мерките кои партијата ги предлага подолг период.

-Холистичкиот пристап на македонскиот Далај Лама нема ефект. Секогаш кога ќе најави мерки цената на дизелот поскапува. Мерките на СДСМ не се воведени до крај, а цената на оваа неспособност ја плаќаат граѓаните кои се соочуваат со нов ценовен шок токму пред Велигденските празници, рече Тренчевска.

Фајненс тинк веќе прогнозираше дека во зависност од тоа колку време ќе трае кризата на Блискиот Исток, ни претстојуваат три можни сценарија, а просечната инфлација годинава би се движела од 3,5 до 8,2%.