Спорт плус
10. February 2017 - 14:08

Мавровскиот меморијал ќе се одржи на 14 и 15.февруари

 
 
Во пресврет на одржувањето на Мавровскиот меморијал денеска Агенцијата за млади и спорт одржа прес конференција. Членовите на Организациониот одбор заедно со директорот на Агенцијата, Марјан Спасески зборуваа за претстојната манифестација, која ќе се одржи на 14 и 15.февруари (вторник и среда), а ден претходно во понеделник ќе биде и свеченото отворање. 
- Ми претставува особена чест и задоволство што оваа година на патеките на преубавото Маврово ќе се одржи традиционалниот 54-ти Мавровски меморијал, остварувајќи ги желбите и соништата на генерациите од  далечната 1957 година, кои го организираа првиот меморијал - натпревар во нордиско скијање. Натпреварот се одржува во чест на загинатите 38 градители на електросистемот Мавровска хидроцентрала и 14 храбри граничари кои загинаа од снежната лавина во 1956 година. Токму со оддржувањето на Мавровскиот Меморијал ние ја продолжуваме традицијата на големи светски настани одржани во Република Македонија. Влогот на многумина низ изминативе 54 години во организирањето на овој настан придонесе Мавровскиот Меморијал да прерасне во настан кој го промовира Маврово  и Република Македонија, оставајќи траен белег во спортот. Благодарение на посветеноста и заложбата на организаторите, а секако со поддршка од Агенцијата за млади и спорт и на останатите вклучени страни во организацискиот дел, Мавровскиот Меморијал се издигна на ниво на домашен бренд од светски размери, кој низ годините успеа да го приближи нордиското скијање до најмладата популација, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Спасески.
За оваа година, Агенцијата за млади и спорт од својот буџет издвои 500.000 денари за оваа манифестација.Од страна на организаторите беше истакнато дека на 54.тиот Мавровски меморијал учеството го имаат потврдено девет репрезентации: Србија, Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Турција, и двајца претставници од Доминиканската Република кои изразија желба за учество на Мавровскиот Куп. Се очекува потврда од Словенија и Романија, со што квалитетот би се искачил на највисоко ниво. Двата дена ќе се одржат по два натпревара и тоа мажите ќе трчаат на патека со должина од 10 километри, а жените на патека од 5 километри. 
Селекторот на македонската нордиска репрезентација Ѓоко Динески истакна дека пласман на нашите натпреварувачи на првите десет места ќе биде добар резултат. Македонската репрезенатција ќе настапи во следниов состав: Ставре Јада, Миланчо Крстевски, Дарко Дамјановски, Тони Станоески, Марио Куртески и Ненад Митевски, а кај жените ќе настапат:  Викторија Тодоровска, Марија Коларовска, Викторија Јовановска, Росана Кировска, Ана Цветановска и Василка Дамјановска.