Македонија
9. December 2019 - 16:58

Мицкоски: 12 април е денот кога ќе се случат изборите, за нас втора алтернатива нема

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека 12 април е денот кога ќе се случат изборите, и дека за него втора алтернатива нема. Доколку претседателот Стево Пендарвоски не е уверен дали изборите ќе се одржат во април, во тој случај, како што истакна Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе ги преразгледа односите што ги има со претседателот.

-Последниот пат кога бевме на средбата со Пендаровски, на негова иницијатива сите заеднички, ги ставивме партиските интереси во втор план, ги ставивме државните интереси и интересите на граѓаните на прв план, организиравме заеднички состанок. На тој состанок ги прецизиравме приоритетите кои се за државата, ја реафирмиравме нашата позиција и како политичка партија, но и останатите, за иднината на нашата држава, но истовремено се договоривме дека на 12 април е денот кога практично ќе се случат тие предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, Пендаровски се обидува да обезбеди алиби да не се случи катастрофа во април, туку во некој друг период, но и му остава простор на СДСМ да може со збунувачки изјави поврзани со Законот за јазици да ги става на преговарачка маса со коалиционите партнери, при евентуално одложување на предвремени парламентарни избори.