Мицкоски: Браќата Кирил и Методиј со златни букви ја запишаа Македонија во светската културна ризница
Дозволете ми во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани да им го честитам 24 Мај – Денот на сесловенските просветители и учители Светите Кирил и Методиј.
Ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј е рамно на апостолско и затоа се прогласени за заштитници на Европа, бидејќи со својата просветителска дејност и создавањето на глаголицата поттикнаа епохален цивилизациски процес.
Ширењето на словенската писменост и заштитата на словенската култура е придонес кој што сите словенски народи го почитуваат и пред што се поклонуваат. Ние сме особено горди, што токму оваа искра на прво словенско писмо и просветителство почнува тука од Македонија. Нивната мисија по текот на Брегалница беше основата на која се градеше нивната дејност. Говорот на Словените од Македонија беше темелот на кој се градеше целата словенска писменост која потоа преку Моравската Мисија ја раширија ширум Словените во Европа. Затоа не е нескромно да се каже дека таа искра од Македонија го запали просветителскиот факел кој се прошири низ Европа, факел кој ден денес осветлува половина континент и стотици милиони луѓе.
Горди сме и неизмерно сме им благодарни, затоа што со златни букви ја запишаа Македонија во европската и светската културна ризница. Имињата на Кирил и Методиј кај секој граѓанин во Македонија будат посебен пиетет, но и аманет дека не смееме да престанеме да веруваме и да се бориме под ова небо. Тоа што светите браќа успеале да го направат пред повеќе од еден милениум само покажува дека можеме и мораме и денес да се носиме рамо до рамо со останатите европски народи и заедно со нив да придонесуваме кон градење на европската иднина. Тоа што е наша гордост не смееме да го заборавиме. Тоа што е наше наследство не смееме да го распродаваме, туку напротив мораме да го надградуваме и потенцираме. Многу народи се благодарни на делото на Кирил и Методиј и влијанието кое тоа го направило во Светот, а ние мора да бидеме горди чувари на нивниот завет.
Нека е вечен празникот.
Нека е вечно делото на светите браќа Кирил и Методиј.
Нека е вечна Македонија.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Ново на Сител
-
Нема веќе спортисти на рекламите за обложување
-
Две лица повредени откако тинејџерка со автомобил излетала од патот
-
61-годишник со „мерцедес“ излетал кај Миладиновци, четири лица повредени
-
Наставник нападнал ученик во Охрид
-
Стоилковиќ: Празнувајќи го Меѓународниот ден на ромскиот јазик даваме придонес во чувањето и негувањето на културните особености на ромската заедница
-
Во октомври зголемени цените на угостителските услуги
-
Мет Лебланк од „Пријатели“ ѝ се посвети на новата работа со луксузни автомобили
-
Муцунски во Прага на средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек