Македонија
11. March 2024 - 14:42

Мицкоски: Европскиот пат на земјата е нејзината иднина, Европа да каже што вистински планира

Европскиот пат на Македонија е иднината на земјата и македонските граѓани, и тука не треба да има никаква дилема, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нагласувајќи дека Европа треба конечно да каже што вистински планира со нашата земја, а не да бидеме предмет на дневна политика. Доколку неговата партија дојде на власт на парламентарните изборите, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне и да разговара со секој оној кој што е подготвен да се изнајде трајно решение за влезот на земјата во ЕУ, без да има дополнителни кочници во иднина. ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски, сака да разговара за вистинските копенхашки критериуми врз основа на заштита на човековите права.     

-Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е принципиелен. Ние мора да знаеме како граѓани во Македонија што е она што вистински Европа планира со Македонија, а не да бара изговори. Треба конечно Европа да му каже на овој народ што е тоа што вистински планира со овој народ, а не да бидеме предмет на дневна политика и политиканство. Ние сме за вистински вредности европски дефинирани од времето на основањето на ЕУ од страна на Шуман, Аденауер и Де Гаспери, ние сме за почитување на Копенхагеншките критериуми, а не на билатералните спорови коишто за жал единствено Македонија ги има пред себе и ниту еден друг народ ги немал ниту пак ќе ги има, истакна Мицкоски, кој беше на настан во Општина Аеродором.

Ние, продолжи тој, сме за почитување на човековите права, нешто кое што, како што рече, за жал нашите соседи, пред се, нашиот источен сосед не го почитува бидејќи веќе имаме 14 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур што одбива да ги примени.

-На тој начин иако се потписници на Резолуцијата за заштита на човековите права, директно работат против одлука на европска институција. Ако ЕУ не може да ги убеди да применат одлука на европска институција како ние потоа можеме да веруваме дека ова е последното нешто кое што ќе го бараат и како ние можеме да веруваме дека понатаму во процесот на преговори ние практично нема да имаме дополнителни условувања од страна на нашиот источен сосед коишто немаат никаква врска со копехашките критериуми, рече Мицкоски.

Тој посочи дека македонските граѓани направија за тие европски вредности и за тој европски пат најмногу од сите народи во Европа. Потсети дека на почетокот од деведесеттите ги менувавме банкнотите, потоа го користевме, како што рече, она понижувачко име со референца кое што требаше да трае шест месеци па траеше три децении, потоа го променивме и државното знаме.

-Неколку пати го менувавме Уставот, ја прекројувавме, да делевме Македонија внатрешно, интегриравме, дезинтегриравме локални единици итн., за на крај на оној насилен и брутален пат повторно го менуваме Уставот и уставното име и конечно сега повторно никој тоа не го цени, повторно поради оваа криминална група во владата повторно се исправени некои дополнителни услови за Македонија, рече Мицкоски.

Ова, вели тој, се пораките на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш по формирањето на влада да седне и да разговара, но на основа на вистинските копенхашки критериуми, врз основа на заштита на човековите права. Македонскиот Устав ваков каков што е гарантира човековите права на сите етнички заедници во Македонија, вклучително и на неколку стотини граѓани на Македонија коишто се дел од бугарската заедница во Македонија, но за жал би рекол илјадници, десетици илјади македонски граѓани во Бугарија не можат ниту невладина организација да регистрира. Тоа не се европските вредности, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку се сака, потсети тој, како на последниот Европски совет да се донесе одлука тогаш таа одлука се носи. Видовме, рече Мицкоски, дека правилото на еден глас, односно консензус не важи кога навистина некоја одлука се сака да се протурка.

-Така што ги замолувам нашите партнери од Европа веќе познатото право на консензус да не го користат како аргумент туку да го замолат претседателот или претставникот на Бугарија моментот кога ќе се одлучува за Македонија да го продолжи европскиот пат да ја напушти просторијата и да отиде во некоја друга просторија каде што ќе може да се напие кафе или нешто друго, вели Мицкоски. 

На прашање со кого тие ќе разговаат во однос на прашањето за пристапување на нашата земја во ЕУ, Мицкоски рече дека тие се подготвени со сите да разговараат. -Се што ќе води кон решение, секој оној кој е подготвен да води кон решение а тоа значи достоинствено решение, кое на достоинствен начин ќе ги реши проблемите бидејќи очигледно имаме проблем, ако немавме проблем немаше да има потреба од договори. Бугарија ако беше добар сосед и наместо да не опструира и да не блокира со вето ќе не поддржуваше и практично ќе овозможеше Македонија многу одамна да биде дел од Европското семејство, рече лидерот на партијата.