Македонија
12. December 2023 - 13:20

Мицкоски: Македонците кои живеат во Србија се чесни и домаќини луѓе

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска е во посета на општина Лесковац во Република Србија на средба со македонската заедница која живее таму, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски на средбата посочил дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која се грижи за македонското национално единство и води грижа за сите Македонци без разлика каде и да живеат.

-Овој ден е многу значаен бидејќи ние како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ сме партија која се грижи за македонското национално единство. Така и се вика нашата партија. Така што ние како партија водиме грижа за сите Македонци секаде во светот. Тоа е фини луѓе и домаќини кои ги почитуваат државите во кои живеат, а нивната држава Македонија и ВМРО-ДПМНЕ како партија, секогаш се грижела, се грижи и ќе се грижи во иднина, посочил Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека му е чест што овие деца можат да учат на македонски јазик и потенцирал дека на тој начин нема да го заборават нивниот мајчин јазик и корењата од каде потекнуваат.

-Нас ни е задоволство што овие деца можат да учат македонски јазик и да не го заборават да се сетат за нивните корени и да знаат од каде потекнуваат, кој се и што се, но и секако во иднина да продолжат да ја почитуваат државата во која живеат, а тоа е секако Република Србија, но да  не заборават дека нивната татковина е Македонија, истакнал Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му се заблагодарил на градоначалникот на општина Лесковац за гостопримството, информирајќи го дека продолжува со посетата и со средба на македонската заедница во населеното место Јабука, во општина Панчево.

-Голема благодарност за нашиот домаќин градоначалникот во општината Лесковац, голема благодарност за македонската заедница овде во Лесковац. Ние денеска продолжуваме со посета и во Јабука, во општина Панчево таму повторно ќе се сретнеме со Македонците кои живеат овде во Србија, нагласил тој.

На крај Мицкоски упатил порака дека Македонците и Србите треба да продолжат да живеат и да се почитуваат, како и дека се надева на одлична соработка со сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Српската напредна странка која што е владејачка партија во Србија.

-Мојата порака е дека двата братски народи македонскиот и српскиот треба да продолжат да живеат заедно, да се почитуваат и да се негуваат релациите меѓу двете држави Србија и Македонија, а  ние како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и идна влада се надеваме на одлична соработка со нашата сестринска партија тоа е Српска напредна странка, која е владејачка партија овде во Србија, заклучил Мицкоски.