Мицкоски: Македонија е на врвот според раст на БДП
Економијата закрепнува, бруто-домашниот производ во јули, август и септември, порасна за 3%, вели премиерот Мицкоски. Според него, овие резултати ги надминале и очекувањата на Владата и прогнозите на Светска банка. Нагласи дека во услови на сложени геоекономски и политички случувања, растот од 3 проценти е меѓу најголемите во рамките на ЕУ“.
„Само пет земји членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал, а што се однесува во регионот помала стапка на раст во третиот квартал има две земји членки на ЕУ, тоа се Грција и Бугарија 2,4 проценти. Потоа можам да кажам дека Романија е во негативно салдо -0,3 проценти, Словенија е 1 процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија итн.“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Шести месец нема коруптивни скандали, нема упади во компании, уцени и рекетирање, а бизнисот е комотен, оцени премиерот.
„Нема веќе по принципот „како до сега“, нема уцени, нема закани, нема притисоци. Бизнисот е слободен. Јас тоа на дневна основа го комуницирам со стопанските комори. Секогаш сум им кажувал, било каква ваква девијантна појава од било кого, ве молам да пријавите, сакаме како Влада да интервенираме бидејќи мора да се ослободиме еднаш засекогаш од таквиот тип на политички и економски бизнис насилници во општеството“ – додаде Мицкоски.
На прес конференцијата реагираше опозициската СДСМ.
„Тоа што сега го зборува Мицкоски е резултат на тие добри економски политики на СДСМ и му благодариме за признанието. Сепак треба да знае дека неговиот резултат и политиките на оваа Влада на ДПМНЕ ќе се мерат наредната 2025 година, почнувајќи од првиот до последниот квартал. Тогаш јавноста ќе види што испорачал. Ако во првите 6 месеци гледаме целосно погрешни економски политики, граѓаните осиромашуваат а платите не растат и економските резултати 2025 година ќе бидат полоши“.
Инаку, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во истиот период во 2022 година, растот на БДП бил 2%, а лани само 1,2%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар