Македонија
12. September 2021 - 16:39

Мицкоски најави предлог за разрешување на Филипче и Хасани ако сами не ги поднесат оставките до Собранието

Не до Премиерот туку оставките да ги достават до Собранието. ВМРО ДПМНЕ им даде рок до вторник претпладне на министерот и заменик министерот за здравство да го сторат тоа во спротивно ќе поднесат предлог одлука за нивно разрешување. Христијан Мицкоски рече дека ова е прв чекор за расчистување на трагедијата и најави соработка со други политички партии за обезбедување мнозинство за разрешување на Филипче и Хасани. Тој истакна дека овој пат нема да поднесат интерпелации за да не заглават во фиоката на спикерот Џафери туку ќе ја искористат оваа можност од деловникот.

-Предлог одлуките за разрешување ќе бидат доставени во вторник пред одржувањето на веќе закажаната седница со барање да бидат ставени токму на дневен ред на истата седница. Штом Премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот кој е надлежен, органот кој ги избрал Министерот и заменик министерот, тогаш ќе одиме по оваа процедура. Мора да се обезбеди и гарантира независна истрага, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Опозициските партии се сомневаат во независноста на истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница.

-Изјавата на Премиерот Заев ја гледаме како обид за одложување на оставките  до одржување на локалните избори. Шефот на Владата предупреди за уште нешто поскандалозно мешање во истрагата и обвинителството. Тој нема право да контактира или да биде информиран од страна на истражителите, изјави Беким Татеши од Алијанса на Албанците

-Каде е тајноста на истрагата? Кои се обвинителите кои го информираат Премиерот за истрагата? Не е ли и тој во кругот на лица за кои треба да се спроведат предистражни дејства? Знае ли Премиерот кои лица би биле сведоци во обвинителство? Ќе му ги каже ли на својот другар и бизнис партнер тие лица? Ќе влијаат ли на тие сведоци од позиција на моќ? Ќе организираат ли одбрана? Можат ли од позициите кои ги имаат да кријат и менуваат документи?

Има многу прашања и во интерес на истрагата тоа треба да биде приоритет и веднаш треба да се заврши, рече Мицкоски.

За СДСМ предлогот на Мицкоски е голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано. Тие обвинија дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ не го знаел уставот.

-Уставот на државата е јасен, член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница. На Мицкоски очигледно не му кажале каква се процедурите за поставување и разрешување министри, па затоа денеска излегува со смешни ултиматуми и предлози кои немаат никаква правна основа, стои во реакцијата од СДСМ.