Мицкоски за Судски совет: Уништен им е кредибилитетот
Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот за разрешување членови на судскиот совет. Смета дека ниската доверба треба да е поттик за членовите сами да ги напуштат позициите. Очекува новоизбраните да имаат цел и агенда поразлична од навиките по кои досега работел советот.
Ако членовите на Судски совет не заминат сами, тогаш ние мора да преземеме чекори. Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишно интервју за МИА го повтори ставот за разрешување на членовите избрани од собранието. Вели, телото има легитимитет ама не и легитимност меѓу граѓаните. Новоизбраните членови, очекува да ги сменат навиките на работа по кои сега работи Судскиот совет.
„Довербата е едноцифрен број проценти, довербата е на историско најниско ниво и она кое што е важно е дека ако нема свесност помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да може тие да заминат. Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело или оваа институција навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија, тежина тој којшто ќе биде таму, затоа што ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо“.
Мицкоски ја отфрла можноста за ветинг во правосудството. Решението за ниската доверба гледа во постојните закони и ослободување од партиско влијание.
„Ние треба само да ги ослободиме обвинителите и судовите од партиските стеги. Ова вие што велите да не бидат во грч и да мора на партиски моќници или некој друг тип на моќници да им служат. Ние треба само да ги ослободиме и на тој начин тие ќе почнат да се однесуваат онака како што би требало да се однесуваат, односно да обвинуваат и судат по закон и Устав“, изјави Мицкоски.
Додека се засилуваат најавите за разрешување членови, Судскиот совет за петок најави избор на претседател. Во меѓувреме, телото доби и двајца нови членови избрани од судиите.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар