Балкан
4. November 2021 - 10:02

Мицотакис ја отфрли можноста за ново затворање, Грција е соочена со „пандемија на невакцинирани“

Карантинот беше одговор на пандемијата пред вакцината, рече грчкиот премиер Кријакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Мега“ и целосно ја отфрли можноста за ново затворање во земјата, објаснувајќи дека сега постои „пандемија на невакцинирани“.
 
– Вакцинирани се 73 отсто од полнолетните Грци и 63 проценти од населението е вакцинирано. Па така, денес се наоѓаме соочени со пандемија на невакцинирани, а причината зошто се случува ова е многу едноставна, бидејќи во моментов немаме суштински рестриктивни мерки како оние што ги имавме лани. Локдаун-от беше одговор на сите организирани општества пред вакцината. Сега, кога имаме вакцина, нема повторно да одиме на локдаун, рече Мицотакис.
 
За само три дена, од понеделникот до вчера, во Грција беа регистрирани 18 299 нови случаи на ковид-19, но грчкиот премиер рече дека во овој момент здравствениот систем издржува и потенцираше дека со фактот дека се прават и до 400 000 тестови дневно, не треба да се бројат новозаразените, туку процентот на позитивни и притисокот врз здравствениот систем.
 
Мицотакис во интервјуто уште еднаш категорично ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори истакнувајќи дека Владата ќе го исцрпи четиригодишниот мандат.
 
Дополнително, најави дека од 2022 година на два пати ќе се зголеми минималната плата во Грција. Првото зголемување од два отсто ќе биде од 1 јануари и рече дека е „решен да има и второ зголемување“.